ЗАГРЕБ (AA) - По две години собирање и селектирање на информациите, на корисниците им е достапна апликацијата „Политикал дата" (Political data). Станува збор за страница на која е можно да се видат изборите на финансирање на преку 200 европски политички партии, нивната популарност на социјалните мрежи...
Авторот на страницата е истражувачкиот новинар Хрвоје Апелт, кој во разговор за Anadolu Agency (AA) порачува дека во новинарството е најважно да се следи трагата на парите.
На интернет-страницата politcaldata.eu може да се влезе во профилот на повеќе од 200 политички партии, членки на Европскиот парламент и 1.100 политичари, како и да се погледне анализа на преку 1.300 финансиски извештаи со попис од преку 88.000 донатори и 18 милијарди вкупен приход, од кои три милијарди се приватни пари.
„Само треба да се следи трагата на парите и сѐ ќе биде јасно“, вели Апелт кој страницата „Политикал дата“ одлучил да ја пушти во работа во пресрет на вонредните парламентарни избори во Хрватска.
Страницата „Политикал дата“ е наменета за медиумските куќи и за новинарите, законодавците, консултантите, политичките партии, адвокатските фирми, агенции и непрофитните институции, сите оние што ги интересирааат за изворите на финансирање на политичките партии коишто одлучуваат за судбините на државите.
Податоците објавени на оваа страница доаѓаат од јавно достапни извори, документи на политичките партии, националните влади, државни изборни комисии, државни ревизии, социјални мрежи, медиуми...
- Хрватска во однос на Велика Британија, партиите ги финансира десеткратно -
„Интересен е податокот што во Хрватска, во 2014 година, политичките партии добија од државата 11 милиони евра, а во Велика Британија, која има десетпати повеќе жители, партиите добиле само 10,4 милиони евра. Според британскиот модел, годишно, сите политички партии во Хрватска би требало да добиваат од 1 до 1,5 милион евра“, вели Апелт наведувајќи ги податоците од „Политикал дата“.
Партиите во Словенија, во 2014 година од државата добиле 3,3 милиони евра, што е многу помалку отколку во Хрватска со оглед на бројот на жители.
„Тоа е тема што се наметнува пред парламентарните избори во Хрватска“, порачува Апелт.
Финансирањето на политичките партии од државата во Хрватска „експлодираше“ во времето на доаѓање на власт на Иво Санадер. Тогаш само за три години се зголеми за 400 отсто, вели авторот на страницата.
- Германските партии најбогати -
На топ-листата на најбогати ЕУ политичари за 2014 година, со оглед на тоа што за таа година е последното пополнување на финансиските извештаи на политичарите, водат двајца Германци.
Тоа се Сигмар Габриел, претседател на СДП и вицеканцелар, кој како претседател на партијата е „тежок“ 161 милион евра годишно, односно заработува по 443.000 евра дневно.
Зад него следува Ангела Меркел, претседателката на ЦДУ, со 147 милиони евра, или 403.000 евра дневно, потоа Французинот, Жан Кристоф Камбаделис, кој за дневно претседавање наплатува 160 илјади евра.
Во развиените демократии, практика е политичарите да донираат за своите партии во одреден процент од своите приходи, во зависност од политичката моќ, вели Апелт, но додава дека хрватските политичари тоа го прават ретко. Тој го наведува хрватскиот политичар Зоран Милановиќ, за кој вели дека не е донатор во партијата СДП.
Најмногу пари на својата партија, Форца Италија, донирал Силвио Берлускони во 2013 година. Станува збор за 15 милиони евра, стои на интернет-страницата politicaldata.eu.
Апелт во соработка со партнерите и големите медиумски куќи сака да ја прошири базата на податоци (т.н. big data) за Русија, САД и за Турција.
- Увид во финансирањето на партиите е обврзувачки во демократијата -
Целиот свој новинарски век Апелт учел, како што вели, да ги следи патиштата на парите и така да дознава за движењето на групите на интерес.
„Некогаш донациите не се најискрени. Политичарите донесуваат одлуки што не се најдобри за граѓаните, гласачите, а технологијата во 21 век ни овозможува да имаме таква компаративна анализа и информациите да се достапни секому и секаде“, вели Апел.
Тој смета дека немањето увид во финансирањето на политичките партии и нивните донатори, е неодговорно и неприфатливно во демократските општества што бараат транспарентност. Вели дека сите афери покажуваат скриени интереси на донаторите.
„Граѓаните мораат да се запрашаат зошто некој донирал пари, дали барањата на партиите да се менуваат законите се во корист или на штета на граѓаните“, порачува Апелт.
Дел од финансиските извештаи на одредени политички партии за 2015 и 2016 година сѐ уште не се предадени. Базата на „Политикал дата“ континуирано се проширува.
Хрвоје Апелт од новинарската фела е наградуван за истражувачко новинарство. Поради пишување за корупцијата во хрватската политика во времето на Иво Санадер, поминал две години под полициска заштита. Отворено зборувал и пред собранискиот одбор за корупциските активности во кои бил вклучен хрватскиот премиер и неговите министри, а поради кои судењата сѐ уште траат.
news_share_descriptionsubscription_contact
