Admir Fazlagic
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија преку соопштение, реагираше на наводите на пратеникот на Движењето на Турците во Македонија (ТХП) во Собранието на Република Македонија, Енес Ибрахим дека „турските државјани се соочуваат со проблеми на граничните премини во Македонија", пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својот демант од МВР наведуваат дека на прес-конференцијата на Ибраим „не само што се изнесени апсолутни небулози, туку и самиот на себе си e контрадикторен."
„Во изјавата на пратеникот истиот најпрво вели: 'Државјаните на Република Турција кои уредно излегуваат од границите на својата земја наидуваат на незаконски третман на граничните премини во Република Македонија и без никакво образложение се враќаат назад', за потоа да контрадиктори на претходната изјава и да вели 'Важно е да се спомне дека турските државјани се најбројните туристи во Македонија и имаат сериозен финансиски импакт за нашата земја.'Како е можно доколку Министерството за внатрешни работи без никакво образложение ги враќа турски државјани и не им дозволува влез во Република Македонија, истите да се најбројните туристи во нашата земја."
Во прилог на наведеното, во продолжение на реакцијата на наводите на пратеникот Ибраим, од МВР изнесуваат статистички податоци за посетеноста на Македонија од страна на турските државјани притоа наведувајќи дека единствената причина за некое лице да не му зе дозволи влез во државата е доколку тоа не ги исполнува соодветните законски услови за влез во државата.
„Само за поткрепа на претходните тврдења говорат и бројките дека во 2016 година во периодот од јануари до јули, на граничните премини во Република Македонија, влез оствариле вкупно 124.433 турски државјани што претставува зголемување за над 21.000 во однос на истиот период лани кога Македонија ја посетиле 102.693 турски државјани. Единствената причина за некое лице да не му се дозволи влез на територијата на Република Македонија е доколку не се исполнети соодветните законски услови. Министерството за внатрешни работи никогаш не вршело дискриминација, било да е врз основа на пол, раса, религија, боја на кожа или слично", стои во писмената реакција на МВР.