Ekipa
24 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
РАХАТ (АА) - Израелските археолози открија една од најстарите досега познати џамии во светот за време на ископувањата пред изградбата на новите населби во бедуинскиот град Рахат во Негев, јужен Израел, јави „Тајмс оф Израел“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џамијата од 7 век се наоѓа на два километри од друга рурална џамија од 7 век пронајдена во 2019 година.
Израелската управа за антиквитети (IAA) соопшти дека џамијата имала квадратна просторија и ѕид свртен кон градот Мека. Во средишниот дел на ѕидот била вдлабена полукружна ниша (михраб) свртена кон југ.
Тимот за ископувања, исто така, откри фармерска куќа од византискиот период во областа, во која се смета дека биле сместени и фармери христијани.
Џамијата се наоѓала на 400 метри од величествена палата, изградена околу централниот двор. Палатата опфаќала холови чиј под бил поплочен со камени и мермерни плочи, а ѕидовите биле декорирани со мурали (фрески) во црвена и жолта боја. За богатството на мештаните, меѓу другото, сведочат и фрагментите од стаклените садови, на кои имало цртежи од животни и растенија.
Според Израелската управа за антиквитети, артефактите досега собрани во сите области на ископувањето: живеалишта, места за молење, предмети за готвење и садови, дополнително го олеснуваат процесот на сфаќање на историскиот процес кој се случил во северниот дел на Негев, со навлегувањето на новата религија - исламот, владеењето и новата култура.
„Новото археолошко откритие ги отсликува трагите на постепениот премин од христијанство во ислам во регионот помеѓу 7 и 9 век“, велат експертите.