Göksel Yıldırım
28 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -
Копненото автономно возило „Капган“ од тешка класа, развиено од турската компанија ХАВЕЛСАН и за првпат презентирано на Саемот за одбрана за производи од воздухопловната и вселенска индустрија САХА ЕКСПО во Истанбул, за кусо време ќе биде на терен, пишува Агенција Анадолија (АА).
Вејсел Атаоглу, менаџерот на проектот за воздухопловни и копнени автономни возила ХАВЕЛСАН, за AA изјави дека за потребите на Претседателството на одбранбените индустрии во 2019 година го развиле проектот „Баркан“ (копнени автономни возила од средна класа-2) и додаде дека во блиска иднина возилото ќе му биде доставено на корисникот.

Истакнувајќи дека благодарение на искуството и знаењата стекнати при создавањето на „Баркан“, го развиле „Капган“, Атаоглу рече дека „Капган“ е возило кое може лесно да се одржува во различни региони и простори.
Информирајќи дека возилото тешко 1,4 тони може да носи товар од 600 килограми, Атаоглу нагласи дека благодарение на вградениот систем на вооружување, „Капган“ ќе може да неутрализира воздушни и копнени цели.
„Нашиот систем на вооружување има дострел од 3 километри и ефективен дострел од 2 километри. Имаме оружје способно да пробие оклоп со дебелина од приближно 25 мм од околу 800 метри. Последните случувања во Русија, Украина и Азербејџан ја покажаа важноста на автономните возила. Колку помоќно оружје имате на вашето возило, толку сте посилни. Земајќи го тоа предвид, ние го развивме овој концепт“, истакна Атаоглу.
Зборувајќи дека имаат за цел да го интегрираат возилото во „дигитално единство“, Атаоглу рече дека „Капган“ ќе може да делува автономно заедно со останатите беспилотни воздухопловни, копнени и поморски возила што ги развиле.

- Ќе извршува различни задачи -
Информирајќи дека воспоставиле различни контакти, особено во регионот на Заливот кога почнале да работат на проектот „Капган“, Атаоглу истакна:
„Видовме какви потреби има во регионот. Предвидуваме дека нашето возило ќе може лесно да опстојува во тој регион. Имаме средби на саемот, гости од странство. Имаме две цели: да извезуваме и да ги задоволиме потребите на Турските вооружени сили. Сакаме и двете работи да ги правиме во исто време. Интензивно продолжуваат нашите извозни активности. Тестовите за мобилност на нашето возило „Капган“ ќе ги завршиме во рок од два месеца, а во првиот квартал од 2023 година ќе завршиме со тестирањето на вграденото оружје. Нашата цел е да го тестираме „Капган“ на терен во првата половина на 2023 година. Интензивно работиме и би рекол дека добро напредуваме. Имаме и студија во која нашите возила би функционирале независно од GPS. Ова ќе го примениме на нашите возила до крајот на годината. Нашите возила ќе можат да работат и против секој вид електронско војување, а во случај на проблем, ќе можат да се вратат дома.“

Вејсел Атаоглу соопшти дека покрај вооружената верзија на возилото, ќе има и модели за спасување на ранети, транспорт на муниција, модел за извидување - надзор. Дополнително „Капган“ ќе се здобие со способност за комуникација на растојание кога ќе излезе надвор од опсегот благодарение на полетувањето на дронот што ќе го носи со себе.
Менаџерот на ХАВЕЛСАН, Атаоглу, на крајот рече: „Како ХАВЕЛСАН, нашата цел е да бидеме бренд кој ќе стави печат на концептот на бојното поле на иднината.“