Tuba Onğun
18 Февруари 2025•Ажурирај: 19 Февруари 2025
АНКАРА (АА) - Компанијата за вештачка интелигенција „ИксАИ“ (xAI) на Илон Маск го претстави својот најнов модел на вештачка интелигенција, „Грок 3“ (Grok 3), за кој компанијата вели дека ги надминува конкурентите како Опен АИ (OpenAI) и кинескиот ДипСик (DeepSeek) во мерилата за математика, наука и кодирање, јавува Анадолу.
За време на презентација во живо со тројца инженери од „ИксАИ“, Маск рече дека „Грок 3“ има повеќе од 10 пати поголема компјутерска моќ од неговиот претходник и ја завршил претходната обука на почетокот на јануари.
„Грок 3, чие име е земено од научно-фантастичниот роман на Роберт Хајнлајн - е најпаметната вештачка интелигенција на Земјата“, рече Маск, кој е на позицијата висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп.
Компанијата, исто така, го претстави и ДипСрч (Deep Search), нова генерација пребарувач дизајниран да ги редефинира онлајн пребарувањата.
„Грок 3“ е достапен за премиум X претплатниците и до него исто така може да се пристапи и преку посебна претплата за неговите веб-верзии и апликации, истакна тимот на „ИксАИ“.
ДипСик (DeepSeek) направи голем бум во јануари, промовирајќи се како поекономична и помоќна алтернатива на своите конкуренти, а американските компании сакаа да докажат дека кинеските програмери не се во право.