Berk Kutay Gökmen
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
НАСА откри нов, огромен кратер на Месечината со пречник од 222 метри – поголем од Колосеумот во Рим и најголемиот современ кратер од удар забележан во Сончевиот Систем - се наведува во студијата објавена во списанието „Сајанс адвансес“, пренесува Анадолу.
Кратерот настанал кога астероид или фрагмент од комета со големина приближно како зграда од три до шест ката удрил во површината на Месечината во периодот помеѓу 11 април и 22 мај 2024 година. Ударот се случил на страната на Месечината свртена кон Земјата, но во тоа време останал незабележан од телескопите на Земјата и во вселената.
Вселенското летало на НАСА, Лунар реконесанс орбитер (ЛРО), кое ја проучува Месечината од 2009 година, на крајот го открило ударот. Автоматизираните споредби на снимките со широк агол направени од леталото го идентификувале новиот кратер во август 2025 година, по што снимките со повисока резолуција го потврдиле откритието.
Кратерот, именуван по научникот за Месечината, Томас МекГечин, е околу трипати поширок од претходниот рекордер откриен од ЛРО. Се проценува дека ваквите удари се случуваат во просек на секои 132 години, што ги прави исклучително ретки.
Судирот драстично ја изменил околната површина. Истражувачите откриле дека правот и карпите биле исфрлени подалеку и под поголеми агли отколку што предвидувале некои модели, при што промените се протегале на растојание поголемо од 1.000 радиуси на кратерот.
Според Си-би-ес њуз, друга студија открила област со ширина од 6,4 километри околу кратерот, која има изменети топлински својства, што укажува на тоа дека ударот го разлабавил и нарушил горниот слој на почвата на Месечината, односно реголитот.
Научниците велат дека ова откритие нуди ретка можност за унапредување на моделите за удари на Месечината и еволуцијата на нејзината површина. Тоа би можело да има и практични импликации за идните астронаути.
НАСА планира да истражи колку далеку може да стигне материјалот исфрлен при ударите – информации што би можеле да им помогнат на инженерите во дизајнирањето и заштитата на идните живеалишта на Месечината.
Наодите, исто така, укажуваат дека површината на Месечината се менува побрзо отколку што претходно се мислеше, што значи дека историските стапки оставени од астронаутите на мисијата „Аполо“ може на крајот да бидат затрупани или избришани од постојаното т.н. „градинарење“ на месечевата почва.