Berk Kutay Gökmen
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Научници создале глувци со мозоци составени приближно од половина човечко ткиво, со цел подобро да ги разберат нарушувањата и да развијат третмани за состојби, како шизофренија, епилепсија, церебрална парализа, интелектуална попреченост и ретки форми на деменција, објави „Гардијан“ денес, пренесува Анадолу.
Научниците пресадиле лабораториски одгледани човечки мозочни клетки во генетски модифицирани глувци што биле родени без мозочна кора или хипокампус, со што бил оставен простор за развој на човечкото ткиво.
Техниката им овозможува на истражувачите да земат клетки од пациенти, во лабораторија да ги претворат во мозочно ткиво и да проучат како нарушувањата влијаат врз човечките неврони и како би можеле да дејствуваат потенцијалните третмани.
„Како заедница, навистина напорно се обидуваме да најдеме терапевтски решенија за овие состојби, но реалноста е дека психијатријата и неврологијата заостануваат“, рече Сержиу Паска, професор на Универзитетот „Стенфорд“, кој го предводел истражувањето.
„Човечкиот мозок е многу сложен, но проблемот е и во тоа што човечкиот мозок е недостапен за директно истражување“, додаде тој. „Наша цел е да направиме одредени аспекти на развојот и функционирањето на човечкиот мозок достапни за истражување.“
Истражувањето се надоврзува на работата со нервни органоиди – лабораториски одгледани човечки мозочни клетки што формираат мали структури што имитираат одредени карактеристики на вистинскиот мозок.
Иако органоидите би можеле да имаат значајна примена во медицината, тие отвораат и етички прашања поврзани со свеста, болката и благосостојбата на животните.
Паска рече дека истражувањето било подложено на опсежен етички надзор. Емили Џексон, професорка по право на Лондонската школа за економија, рече: „Благосостојбата на животните е навистина важно прашање“, додавајќи дека животните ќе треба внимателно да се следат.
Во трудот објавен во списанието „Нејчр“, Паска наведува дека новородените глувци добиле инјекции со околу 100.000 човечки мозочни клетки. На глувците им недостасувале околу 14 милиони глувчешки мозочни клетки, а развиле околу 4 милиони човечки клетки, кои сочинувале приближно половина од нивниот мозок според волуменот.