Göksel Yıldırım
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Моторните индустрии ТУСАШ (ТЕИ) вчера за првпат го прикажаа новиот турски мотор за беспилотни летала на најголемиот технолошки и авијациски настан во земјата, ТЕХНОФЕСТ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Моторот PD222ST е пет килограми полесен и 55 КС помоќен од првиот турски домашно произведен и национален авијациски турбодизел мотор TEI-PD170 што се користи за беспилотните летала.
Во разговорот со Агенција Анадолија (АА), генералниот директор на ТЕИ и претседател на Одборот, Махмут Фарук Акшит, рече дека PD170 е развиен за потребите на бесплотното летало Anka-S.
Нагласувајќи дека првата „Anka“ летала со увезен мотор со моќност од 155 КС и дека постоеле одредени проблеми во снабдувањето, Акшит изјави дека како резултат на тоа, тие започнале да работат на PD170.
Тој истакна дека со дизајн од турски инженери и производство од турските техничари, тие го развиле моторот за најголемата надморска височина во својата класа, во светот, со најмала потрошувачка на гориво за да може без проблеми да функционира до 12.190 метри височина. Акшит додаде дека конкурентските производи генерално се дизајнирани да работат на височина од околу 7.600 метри.
Тој рече дека по развивањето на главната структура на моторот, започнале со производство на деривативни мотори за други потреби со одржување на главната рамка на овој мотор непроменета.
„Вака го развиме PD222ST. Секако, ќе има и различни верзии од него. „ST“ значи „единечен турбо.“ Тоа е единечна турбо верзија.“
- Произведени над 60 мотори PD170 -
Акшит изјави дека тие продолжуваат со сериско производство на PD170, паралелно со нивната работа на негово унапредување.
„Вкупниот број на мотори што ги произведовме надминаа 60“, додаде тој.
Посочувајќи дека на ТЕХНОФЕСТ го изложиле првиот прототип на PD222ST, рече дека моторот бил подложен на сериозни тестирања и дека процесите на негово созревање продолжуваат.
„Потребен е период од една година за да се започне со сериско производство. Во следната година имаме за цел да објавиме дека се појавил и дека е влезен во сериско производство."
Инаку фестивалот на технологија и авијација ТЕХНОФЕСТ започна во вторникот во Истанбул.
Шестдневниот настан кој се одвива на Аеродромот „Ататурк“, организиран од Фондацијата на Турскиот технолошки тим (Фондација Т3) и турското Министерство за индустрија и технологија, се одржува во различни турски градови во парните години, додека во непарните години се одржува во метрополата Истанбул.
Минатата година, настанот беше организиран онлајн во турската област Газиантеп поради мерките против пандемијата на коронавирусот.