Gökhan Yılmaz
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
ЗОНГУЛДАК (АА) – Првиот минијатурен сателит во Турција, „Гризу-263А“, дизајниран од вселенскиот тим „Гризу-263“, што го сочинуваат студенти од Факултетот за инженерство на Универзитетот „Булент Еџевит“ (BEU) во Зонгулдак, ќе биде испратен во вселената утре со ракетата „Спејс икс Фалкон 9“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Цената за лансирање на првиот турски сателит „pocketqube“ со димензии 5 х 5 х 5 сантиметри ќе изнесува 25.000 евра.
Планирано е сателитот да служи четири години и осум месеци во ниската Земјина орбита од околу 525 километри.
Првиот минијатурен сателит „Гризу-263А“, кој треба да полета од базата за лансирање во Кејп Канаверал, САД, утре во 18:25 часот по турско време, ги носи имињата на рударите кои ги загубија животите во експлозијата во рудникот во Зонгулдак на 3 март 1992 година.
- „Ние тргнавме да го оствариме сонот“ -
Советникот на вселенската екипа, проф. д-р Булент Екмекчи, за Агенција Анадолија (АА) истакна дека овој успех на учениците ги најавува нивните нови успеси.
Наведувајќи дека тргнале да го остварат сонот и дека со голема возбуда го очекуваат утрешниот ден, Екмекчи рече:
„Нашата приказна започна пред пет години. Со вложување големи напори стигнавме до денес. Нашите студенти покажуваат што може да се постигне кога се работи, ние сме горди на нив. Се надевам дека ќе продолжиме со новите достигнувања и ќе го промовираме името на нашиот Универзитет. Би сакал да му се заблагодарам на господинот Сулејман Саваш Ердем, генералниот директор на ОЈАК и претседател на Управниот одбор на ЕРДЕМИР, кој ни пружи значајна поддршка во целиот процес.“
Раководителот на тимот, Чагла Ајтач Дурсун, истакнувајќи дека се многу среќни како тим, нагласи: „Беше долг и тежок процес, но ние сме многу горди што успеавме да го поминеме. Ние ова го дефинираме како приказната за Зонгулдак која се протега од темните рудници до тивките длабочини на вселената. Нашиот сателит е прототип. Тоа е експериментален сателит. Сакаме да го развиеме овој сателит и да спроведуваме експерименти и тестови.“