БАКУ / АНКАРА (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -
Турската одбранбена индустрија започна со сериско производство на минијатурни проектили со ласерско наведување „Бозок“, развиени за беспилотни летала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на Институтот за истражување и развој на одбранбената индустрија (SAGE) при Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК), Ѓурчан Окумуш, за АА изјави дека побарувачката на производи од одбранбената индустрија расте од ден на ден под влијание на цикличниот развој.
Нагласувајќи дека како Институт континуирано ги поддржуваат тековните проекти и иницираат нови истражувања и развој на одбранбената индустрија на Туркије, Окумуш рече дека РОКЕТСАН продолжува со сериското производство на крстосувачки ракети СОМ и дека продолжуваат студиите за подобрување на способностите на постоечките ракети. Тој додаде дека се работи на зајакнување на факторот домашно производство во тој сектор на Туркије.

„Во рамките на тој проект беа направени успешни пробни лансирања. Дојдовме до важна фаза во проектот СОМ-Ј. Започнаа и тестовите за употреба на авионите Ф-16, како и тестовите за прецизно гаѓање. SOM-J е проект кој ни значи бидејќи тоа е крстаречка ракета што може да се лансира од беспилотни летала. Наскоро ги очекуваме конечните резултати и можеме да кажеме дека проектот е во завршна фаза“, изјави Окумуш.
Тој, исто така, рече дека во тек се пробни лансирања на ракети воздух-воздух, додавајќи дека Туркије се подготвува за масовно производство на овие ракети. Туркије, исто така, започна проект за развој на друг вид ракета наречена Ѓокан.
- Нови способности на сетовите за наведување -
Истакнувајќи дека сетовите за наведување ракети се широко користени во различни операции, Окумуш рече дека војната во Украина покажала дека резервите на муниција брзо се топат, додавајќи дека Туркије интензивно работи на развој и производство на понапредни системи за наведување и на тој начин што постојано го зголемува учеството на домашниот фактор во тој развој и производство.
„Продолжуваме да работиме на комплетите за наведување ХГК-82 и ХГК-83, на унапредување на нивните ласери и други сензори и трагачи, антените против интерференција и општо подобрување на нивните перформанси. Комплетите за наведување ќе се користат и како оружје за нашите нови беспилотни летала со голем капацитет“, рече Окумуш.

- „Кузѓун“ (Гавран) ги чека првите нарачки -
Окумуш рече дека напредуваат и турските проекти за муниција поврзани со беспилотни летала и ја истакна важноста на проектот за развој на модуларна муниција „Кузѓун“ (Гавран).
„Кузѓун е уште еден проект за кој многу се грижиме и во кој брзо напредуваме. Постојат различни варијанти на Кузѓун, како што се слободно лебдечки, турбо-млазен и оној на цврсто гориво. Работата на сите три продолжува паралелно. Наскоро ќе бидат завршени тестовите за слободно лебдење и многу сме блиску до првите нарачки“, рече Окумуш.
„Ја интензивиравме работата на Кузѓун на цврсто гориво и ќе го тестираме неговото лансирање од поморско возило. До крајот на оваа година ќе видиме лансирање на Кузѓун од беспилотно поморско возило, а во 2023 година ќе направиме значителен напредок на турбо-млазниот модел. Работата продолжува на развојот на Каји, кого го нарекуваме мал Кузѓун“, рече Окумуш.
- „Бозок“ сè поефективен и со поголем дострел -
Истакнувајќи дека Туркије го завршила тестирањето и започнала масовно производство на муниција за беспилотни летала како дел од проектот „Бозок“, Окумуш рече дека муницијата има продорна боева глава и дека сè уште се работи на подобрување на нејзината ефикасност.

„Работиме и на зголемувањето на опсегот. Имаше истрели на Бозок кои надминаа 15 километри. Нашата цел е уште поголем дострел“, рече Окумуш.
Тој изјави дека испораките ќе започнат како што напредува масовното производство.
- Решенија за навигација и експлозивни материјали -
Тој истакна дека турската одбранбена индустрија продолжува со проекти за развој на различни системи, вклучително и навигација, и додаде дека е постигнат значителен напредок на проектот за навигациски пакети што може да се користат во брзи борбени чамци и бродови.
„Во рамките на една нарачка почнавме да работиме на речиси 20 испораки. Нашите бродоградилишта работат со голем извозен потенцијал. Нашата цел е да ги користиме нашите производи за навигација таму, вклучувајќи го и приемникот Ќесиф. Масовното производство започна, но работата на подобрување продолжува“, рече Окумуш.
Истакнувајќи дека турската одбранбена индустрија, исто така, прави голем напредок во областа на експертизата за експлозиви и енергетски материјали, Окумуш рече дека Туркије го развила својот прв термобаричен експлозив „Тендурек“.
„Ние развивме многу различни, многу ефективни верзии на него и тој е лиценциран и пуштен во употреба“, рече Окумуш.
- Соработка со воени фабрики -
Ѓурчан Окумуш рече дека во завршна фаза е проектот за соработка со воената фабрика АСФАТ, која работи на производство на илјада системи ХГК-82.
„Водиме и други преговори. Ќе продолжиме да даваме поддршка според потребите на нашата воена индустрија. Продолжуваме да поддржуваме различни проекти за искористување на производствените капацитети на нашите воени фабрики“, заклучи Окумуш.
news_share_descriptionsubscription_contact
