ИСТАНБУЛ (АА) - ЈЕКТА САРАЧ -
Повеќе од 300 милиони луѓе повеќе не се на своите работни места или во своите училници откако на 11 март беше прогласена пандемија од Ковид-19 на глобално ниво од Светската здравствена организација (СЗО). Секојдневниот живот, образованието, бизнис-секторот, економијата и туризмот продолжуваат да се сериозно погодени од пандемијата. Дури и ако овој процес се земе под контрола, неговите ефекти ќе продолжат во 2021 година за многу сектори.
Денес, вкупно 7,5 милиони студенти студираат на 207-те универзитети во Турција. Турција е втора по големина земја во полето на високото образование во Европа по Русија. Како Совет за високо образование (YÖK) дејствуваме активно во рамките на одлуките донесени од нашата држава, со цел ефикасно управување со турското високо образование во овој тежок пандемски процес. Ние управуваме со овој процес со носење брзи и флексибилни одлуки преку комисиите и одлуките ги проверуваме секој ден. Во меѓувреме, ги следиме светските универзитети и нивните одлуки.
Живееме во период кога образованието од далечина се наоѓа во првите редови на високото образование, а исто така и курсевите преку интернет добија големо значење. Поради оваа причина, интензивно работиме со универзитетските раководства, деканите и академските групи. Се очекува овој формат на образование да продолжи долго време. Во овој процес сфативме дека работењето од дома, самоизолацијата и комуникацијата од далеку се доста тешки искуства. Раководителите треба овие тешкотии да ги следат внимателно и да обрнат внимание на вредностите што ги одржуваат нашите студенти како што се социјалните, емоционалните и менталните аспекти.
Мерките што ги објави и ги спроведува Советот за високо образование на Турција за време на епидемијата на Ковид-19 се:
На 4 февруари од сите високообразовни институции беше побарано да преземат неопходни мерки и да најават заштитни мерки.
На 6 март, односно пред да се открие кој било случај на Ковид-19 во Турција, од високообразовните институции беше побарано да се преземат следните мерки во три поглавја: „Патувања и состаноци во странство“, „Состаноци со меѓународно учество“ и „Мерки што треба да се преземат против дискриминацијата“. Сите барања беа испратени на три јазици, со оглед на странските студенти во земјата.
На денот кога се појави првиот случај на Ковид-19 кај нас [Турција], Советот за високо образование одржа состанок на тема „Болеста коронавирус Ковид-19“ со учество на ректорите кои имаат голем број студенти, особено странски студенти, експерти од областа на инфективните болести и членовите на Извршниот одбор на Советот за високо образование. На состанокот беше решено да се формира Комисија за коронавирусот на нашите универзитети и да се утврди заменик-ректор кој ќе го спроведе процесот во рамките на преземените мерки против епидемијата. Воспоставена е постојана и директна врска помеѓу нашите универзитети и Советот за високо образование. Преку оваа заедничка платформа за комуникација, сите одлуки донесени од бордот во врска со епидемијата веднаш се пријавуваат на универзитетите и се одговара на прашањата од универзитетите.
На 12 март беше донесена одлука, заклучно со 16 март, една недела да се укине наставата во високообразовните институции во Турција. Во овој период беа утврдени можностите за настава на далечина и капацитетите на универзитетите.
Проектот за дигитална трансформација во високото образование, започнат пред две години од страна на Советот за високо образование, даде значаен придонес во овој процес. Во рамките на овој проект, околу 6 илјади професори се обучуваа на темата „Наставата во високото образование за време на дигиталниот век“. Исто така, над 50 илјади студенти слушаа настава на тема „Дигитална писменост“. Универзитетите каде што се одржуваше оваа настава се наоѓаа во релативно помалку развиените региони на Турција од социјален и економски аспект. Исто така, бројот на центрите за образование од далеку, кој ја надмина бројката од 120, отворени на нашите универзитети, го олесни овој процес. Одделот на меѓународни односи на Советот за високо образование служи како единица за поддршка на овој процес.
Патоказот за настава на далечина беше утврден на 17 март 2020 година заедно со релевантни експерти од универзитетите во Турција. Направени се подготовки во пет главни области: законодавство, инфраструктура, човечки ресурси, содржина и имплементација.
Покрај тоа, со цел да се задоволат потребите за содржината на универзитетите, сите наставни предмети во дигитална средина, кои се наоѓаат на базите на Универзитетот „Анадолу“, Универзитетот „Ататурк“ и Универзитетот „Истанбул“ од 23 март беа отворени за пристап преку интерфејсот на Советот за високо образование наречен „Наставни предмети за високообразовни институции“.
Истакнато е дека ќе се обезбеди да нема прекин во дигиталните капацитети и во наставата на далечина во однос на теоретските предавања, додека практичните предавања ќе се реализираат во најсоодветно време утврдено од универзитетите. Ваквите методи ќе важат и за додипломските студии, а исто така ќе се обезбедат и на ниво на постдипломските студии. Истите можности ќе се обезбедат и за турските студенти кои студираат во Турската Република Северен Кипар.
Со оглед на тоа што глобалната епидемија на Ковид-19 се појави на почетокот на пролетниот семестар, а некои од студентите немаа можност да продолжат со образование од далечина, ним, доколку тоа го побараат, дозволено им е да ги замрзнат своите регистрации за пролетниот семестар на академската година 2019/2020.
- Мерки за студентите да не бидат оштетени во образованието -
Како резултат на спроведените студии во координација со Министерството за национално образование, и по барањата доставени од нашите студенти кандидати за наставници, беше решено недостатоците при практичната настава, со оглед на тоа што студентите 5-6 недели учествувале на практичната настава, да се компензираат со подготовка на часови, задачи и вежби. Студентите од програмите на медицинските факултети, стоматологија и фармацевтските програми, а исто така и медицинските сестри, стажот (вклучително и летниот семестар) ќе можат да го реализираат во соодветно време со преземање на заштитни мерки или пак преку настава на далечина, но тоа е оставено на нивните сопствени проценки.
За време на епидемијата, голем број фирми престанаа со своето редовно работно време и почнаа да работат флексибилно и со скратено работно време. Затоа, во програмите во кои се применуваат моделите на образование 7 + 1 и 3 + 1, студентите немаа можност да продолжат со практичното образование во претпријатијата. Со оглед на тоа што студентите 5-6 недели пред појавата на првиот случај Ковид-19 се здобија со практична обука во фирмите, преостанатиот дел ќе го завршат во форма на домашни задачи, проекти, вежби преку настава на далечина во рамките на високообразовните институции.
Овие одлуки што ги донесовме во врска со образовниот процес се ограничени на пролетниот семестар во учебната 2019/2020 година.
Од друга страна, се прават проценки за тоа матурантите на медицинските факултети, кои го завршиле поголемиот дел од своето образование, да можат да работат како доктори во универзитетските болници и здравствените единици поврзани со Министерството за здравство.
Друга тема е кога и под кои услови ќе се одржуваат приемните испити за запишување на факултетите (YKS), за академскиот персонал и постдипломските студии (ALES) и за избор на јавен персонал (KPSS) и слични општи испити.
Пред Нунзио Квакварели, извршниот директор на организацијата за истражување на високото образование, „Quacquarelli Symonds (QS)“, да соопшти дека светскиот високообразовен сектор треба да биде флексибилен и дека датумите за пријавување на испитите може да се одложат, ние веќе имавме донесено одлука во иста насока.
Во овој момент, се гледа дека системот на високото образование на Република Турција, во споредба со многу западни европски земји е појасен и спроведува активности кои имаат цел студентите да бидат најмалку оштетени во овој процес. Заедно со постојната централна структура, флексибилната слобода на управување игра голема улога во сево ова. Се гледа дека голем број земји, кои се напредни во високото образование, но немаат централна структура, носат многу различни одлуки, што доведува до конфузија.
На агендата се наоѓаат голем број структурни промени во високото образование. И внатре во земјите и на меѓународно ниво. Во релевантната светска литература во овој месец пишуваше дека студентите ќе ги претпочитаат градовите и регионите каде што се наоѓаат, наместо да заминуваат во далечни земји. Значи, ќе се бира образование близу домот. Според ова предвидување, ќе се отвори нова страница во високото образование.
И покрај сиве овие тешкотии, светот брзо почна да се навикнува на овој нов поредок што се појави во образованието. Здравата инфраструктура на нашиот [турскиот] високообразовен систем, бескомпромисните минимум критериуми, процесите на разновидност, централната координација, но флексибилниот систем на управување и можноста на нашите [турските] универзитети да дејствуваат на дисциплиниран начин, играат важна улога во надминување на овој предизвик. Нашите анкети покажуваат дека онлајн образовниот процес успешно се спроведува на многу универзитети. Во овој процес им се заблагодаруваме на универзитетските раководители, академици и студенти за нивната поддршка и разбирање.
Како последен збор, би сакал да пренесам едно размислување на Педи Косгрејв, извршниот директор на „Web Summit“, кој потсети: „Во 1665 година, Универзитетот во Кембриџ беше затворен поради чумата; Исак Њутн одлучи да работи оддома и ги откри формулите за универзалниот закон за гравитација и законите за движење, познати како Законите на Њутн. Ќе продолжиме да учиме и да работиме.“
[Проф. д-р Јекта Сарач е претседател на Советот за високо образование на Турција од 2014 година, специјализирал Стара турска литература, реторика и толкување на текст. Од 2005 година е избран за член на Советот за високо образование.]
news_share_descriptionsubscription_contact
