Admir Fazlagikj
10 декември 2015•Ажурирај: 11 декември 2015
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се обрати на отворањето на Седницата на Парламентарното собрание на Парламентарната димензија на Централно Европската Иницијатива, кадешто во своето обраќање изјавил дека на Република Македонија и се потребни повеќе материјални средства и помош од страна на ЕУ за да продолжи успешно да се справува со бегалската криза, соопштуваат од неговиот кабинет, пренесува Anadolu Agency (AA).
"Морам отворено да истакнам дека од страна на ЕУ имаме добиено многу мала помош и средства за справување со бегалската криза. Патем, и на последниот состанок во Брисел беше истакнато дека на Македонија мора да и се помогне пред се материјално за да продолжи успешно да се носи со бегалската криза" , рече Вељановски.
Според соопштението од Кабинетот на Вељановски, тој истакнал дека од почетокот на бегалската криза во Република Македонија поминале стотици илијади бегалци, кои добиле хуманитарна помош од невладините хуманитарни организации, а со анганжаност на државните институции, на бегалците им се обезбедувани "оние основни услови за живот, храна, вода, облека, средства за лична хигиена и секако медицинска помош на оние на кои им беше потребна".
"Затоа, сакам уште еднаш да апелирам до вас, пред се до нашите членки кои истовремено се и членки на ЕУ да не дозволат бегалската криза да се решава парцијално и на товор на одредени држави. Солидарноста е принцип врз кој се темели денешна Европа, но да незаборавиме дека мирот и безбедноста се неделиви категории. Ако ги почитуваме овие принципи мислам дека секоја членка поединечно, но и на ниво на Европа ќе можеме успешно да се справиме со овие проблеми и предизвици" , истакна Вељановски, се наведува во соопштението.
Централноевропската иницијатива здружува 18 држави од кои десет се членки на ЕУ. Република Македонија од 1993 година е полноправен член, а оваа година претседава со ЦЕИ, по што ќе ја наследи Босна и Хрцеговина.