Furkan Abdula
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација на прес-конференција ја потврди министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши.
„Владата на денешната седница по барање на Комисијата за следење на состојбата во енергетскиот сектор, составена од Министерството за економија, донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Како што информираше министерот, со прогласувањето енергетска кризна состојба, единствена мерка што произлегува од оваа одлука е да се вбризгаат финансиски средства во енергетските компании со цел да се стабилизира состојбата на пазарот на електрична енергија, односно не се предвидени рестриктивни мерки.
„На 30 октомври, Владата донесе Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Со оваа уредба се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и мерките што се преземаат во случај на кризна состојба настаната поради временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарите на енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во услови на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на енергетските дејности (пренос, дистрибуција, снабдување и трговија со електрична енергија)“, нагласи Бектеши.
Според него, согласно оваа уредба, Министерството за економија формира Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, како постојано тело, со десет претставници од засегнатите чинители на енергетските дејности. Мандатот на овие членови е 4 години.
„Операторот на преносниот систем МЕПСО АД изготви Извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година. Според доставениот извештај, Комисијата процени дека постои ризик од настанување кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија“, соопшти министерот и потенцираше дека ваквата проценка на ризици се темели на намалените капацитети на домашното производство, но и на зголемените цени на светските пазари.
„Владата во моментов е фокусирана на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енергетска криза. За остварување на таа цел, вклучени се раководствата на компаниите од енергетскиот сектор и владините институции. Нашата најголема заложба е да се заштитат граѓаните од ценовни шокови, а за компаниите да се обезбеди најповолната цена на електричната енергија“, додаде Бектеши.