Ekipa
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, го прими премиерот на Холандија, Марк Руте, во прва официјална посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На средбата, според соопштението на Владата, премиерот Заев го изразил своето и задоволството на Владата од интензивираниот политички дијалог на високо ниво во последните неколку години.
„Холандија е важен партнер на Северна Македонија во НАТО. Постигнавме силни билатерални врски и развивме соработка во последните 28 години. Дополнително, Холандија стана наш најпосветен поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ“, истакнал Заев.
На средбата тој порачал дека Владата на Северна Македонија силно ги цени охрабрувачките пораки на холандската поддршка за процесот на интеграција во ЕУ. „Беа поздравени и постигнувањата во областа на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото со акцент на потребата од континуирано и посветено спроведување на стандардите и реформските цели на ЕУ“, се наведува во соопштението.
Премиерот изразил благодарност и за холандската поддршка во градењето на Северна Македонија како европска демократија, слободно општество и слободна пазарна економија, нагласувајќи дека Холандија е најголемиот билатерален донатор.
Заев го информирал холандскиот премиер Руте и за најновата иницијатива „Отворен Балкан“ меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија, за која Руте изразил поддршка и нагласил дека иницијативата треба да остане отворена и за другите држави во регионот.
„На средбата беше констатирано дека во декември има клучен прозорец во однос на политиката за интеграција на ЕУ кон Западен Балкан и беше истакнато дека процесот нема да биде кредибилен доколку не бидат прифатени утврдениот напредок во досието на Северна Македонија и Албанија во октомврискиот извештај на Европската Комисија, заедно со уште еднаш повторената препорака дека двете земји ги исполнуваат условите да ги отпочнат преговорите со ЕУ“, се вели во соопштението на Владата на РСМ.