Şenhan Bolelli
23 Јули 2023•Ажурирај: 24 Јули 2023
МАДРИД (АА) - Шпанските граѓани денес го користат своето право на глас за предвремените општи избори во Шпанија, јавува Анадолу.
Гласачите ќе изберат 350 пратеници и 208 сенатори на општите избори, кои требаше да се одржат во декември во нормални услови, но беа одложени со одлука на премиерот Педро Санчез по поразот на партиите партнери на Владата на локалните избори на 28 мај.
Процесот на гласање, кој започна во 09:00 часот по локално време, се одвива во 210.000 гласачки кутии на 60.000 избирачки места поставени во 22.522 училишта.
На изборите се регистрирани околу 37,4 милиони гласачи, од кои 2,3 милиони се во странство.
Изборите, кои вторпат во историјата на демократијата во земјава се совпаѓаат со летниот период, предизвикаа полемики поради големите горештини.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на земјата, на изборите дежураат над 90 илјади лица припадници на безбедносните сили.
Од друга страна, поради празничниот период и екстремните горештини, околу 2,6 милиони Шпанци го искористија поштенското гласање, со што беше забележан „рекорден“ број гласови на овој начин, околу двојно во однос на последните избори.
Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ), која е на власт во Шпанија од јануари 2020 година и ја формира првата коалициска влада во демократската историја на земјата, и екстремно левичарскиот сојуз Унидас Подемос владеат со земјата со парламентарно малцинство.
Анкетите покажуваат дека главната десничарска опозициска партија, Народна партија (ПП), ќе излезе како победник на изборите, но ќе биде принудена да формира коалициска влада со екстремно десничарската партија Вокс откако не успеа да освои парламентарно мнозинство. Ако се случи тоа, екстремно десничарска партија ќе дојде на власт првпат во Шпанија од ерата на Франко.
Гласањето ќе заврши во 20 часот по локално време низ земјата, додека избирачките места на јужните Канарски Острови ќе се затворат со еден час доцнење поради временската разлика.