İlayda Çakırtekin
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Договорот за миграција и азил на Европската Униија (ЕУ) стапи во сила денес откако претходно беше усвоен во мај 2024 година, јавува Анадолу.
Со овој договор целосно се реформира рамката за миграција и азил на Унијата и се дефинира новиот пристап на блокот кон ова прашање, се наведува во соопштението на Европската комисија.
„За првпат ЕУ има воспоставено сеопфатна рамка за миграција и азил, со силна заштита на надворешните граници, праведни и цврсти правила за азил, како и баланс меѓу солидарноста и одговорноста“, се вели во соопштението.
Од денес, земјите членки ќе можат во целост да ги применуваат правилата во практика.
Договорот, според соопштението, има за цел да ги зајакне надворешните граници преку задолжителна регистрација и темелни безбедносни проверки за нерегуларните мигранти кои ги преминуваат границите на ЕУ.
Исто така, со него се настојува да се воведат брзи гранични процедури во пограничните области за лицата за кои се смета дека е малку веројатно дека им е потребна заштита, кои се сметаат за безбедносен ризик или за кои е утврдено дека ги довеле во заблуда властите, заедно со брзи враќања без дозвола за влез на територијата на ЕУ.
Договорот воведува пократки рокови за процедурите за азил, заедно со построги правила за злоупотреба и повторно поднесени барања.
Со него исто така се воспоставува она што во соопштението се нарекува „праведен баланс меѓу солидарноста и одговорноста, со постојан задолжителен механизам за солидарност и можност за земјите членки да придонесат кон солидарноста на флексибилен начин“.
Се додава дека договорот ги засилува и гаранциите за заштита на фундаменталните права, вклучително и независен мониторинг за време на скринингот и граничните процедури за азил.
„Земјите членки ќе продолжат да ги приспособуваат и усовршуваат новите процедури во наредните месеци, со континуирана поддршка од Комисијата и од агенциите на ЕУ“, се нагласува во соопштението.