Nazmi Abduramani
14 Јули 2022•Ажурирај: 15 Јули 2022
СКОПЈЕ (AA) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при што беше истакнато дека доколку се прифати предлогот за преговарачка рамка, ќе започнат конкретните преговори и скрининг-процесот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на државата, на оваа средба се разговарало за актуелната состојба во државата и за процесите поврзани со евроинтеграциите. Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, потврди дека на меѓувладината конференција што треба да се одржи наскоро, доколку се прифати предлогот за преговарачка рамка, ќе започнат конкретни преговори и веднаш ќе започне скрининг-процесот.
Се истакнува дека „со почеток на пристапните преговори со ЕУ, во најбрз можен рок, ќе започне потпишувањето на билатералните договори меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на македонски јазик и на другите официјални јазици на ЕУ“.
Претседателот Пендаровски го повторил ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи откочување на евроинтеграциите и отворање на првата фаза од пристапните преговори, што, како што нагласил, ќе биде позитивен импулс за реформскиот процес и напредокот на Северна Македонија.
Во овој контекст, Пендаровски порачал дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет треба да бидат почитувани и гарантирани од ЕУ.
- Средба Ковачевски - Фон дер Лајен
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на која се разговараше за најважните прашања поврзани со проширувањето на ЕУ.
Во владиното соопштение се наведува дека „констатирано е дека сега е моментот што Северна Македонија треба да го искористи за прифаќање на европскиот предлог, што понатаму значи одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство во ЕУ“.

Она што беше истакнато од претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, е дека местото на Северна Македонија и Западен Балкан е во ЕУ и дека тоа е единствениот пат кој води кон подобра иднина за сегашните и идните генерации.
Ковачевски и Фон дер Лајен уште еднаш истакнаа дека со европскиот предлог во никој случај не се загрозуваат македонскиот идентитет, култура, историја и јазик.
На средбата е разговарано дека во контекст на новите геополитички околности, многу е важно да се откочи евроинтегративниот процес и да се започнат преговорите за членство на земјата во ЕУ, што е важно за севкупниот напредок на Северна Македонија.
На средбата е истакнато и дека сегашните одлуки ја гарантираат иднината на државата, и дека затоа се потребни мудри и државнички чекори кои водат кон просперитет, развој на демократските вредности и општ економски напредок.
Како и изминатите денови, продолжуваат протестите со барање да се отфрли францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, кој го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го подготви предлогот, смета дека е најдено компромисно решение со предлогот за двете страни.
Францускиот предлог е документ што треба да доведе до укинување на двегодишното вето на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.