Ekipa
14 Јули 2022•Ажурирај: 14 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, oствари средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која престојува во официјална посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пред нејзиното предвидено обраќање пред пратениците во Собранието, Џафери, посакувајќи ѝ добредојде истакнал дека стратешки цели на државата од нејзиното осамостојување се членството во НАТО и во Европската Унија и изразил уверување дека во моментот кога земјата е на прагот да го започне процесот на преговори, пратениците ќе го изберат вистинскиот пат.
„Тој нагласи дека одлуките се носат во согласност со почитување на главните прашања за кои се изразува загриженост во јавноста како македонскиот јазик, култура, историја и идентитет. Македонскиот јазик ќе биде регистриран без фусноти. Изрази уверување дека времето ќе покаже дека била донесена вистинската одлука“, се истакнува во соопштението на Собранието на РСМ.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на средбата нагласила дека во Европската Унија се свесни дека државата има постигнато многу и дека се движи во вистинскиот правец.
Според соопштението, таа изразила надеж дека ревидираниот француски предлог ќе наиде на одобрување и потсетила на мотото на ЕУ: „Обединети во различностите“.
Нагласила дека со внимание ќе го следат гласањето во Собранието и дека по одржувањето на првата меѓувладина конференција, веднаш би започнал процесот на скрининг. „Ве чекаме во ЕУ“, порачала претседателката на ЕК.
Претседателот Џафери, заблагодарувајќи се на охрабрувањето, нагласил дека верува во решителноста на 27 земји членки по 17 години чекање да го откочат процесот и дека отворањето на преговорите ќе го намали притисокот во јавноста.
Инаку, претседателката на Европската комисија, подоцна во своето обраќање во Собранието на Северна Македонија, говорејќи за ревидираниот француски предлог рече дека ја слушнала загриженоста на некои политички субјекти за македонскиот јазик и порача дека Европската Унија (ЕУ) целосно го почитува јазикот и поради оваа причина тој останува во ревидираниот предлог без квалификации од ЕУ.
Францускиот предлог е документ што треба да доведе до укинување на двегодишното вето на Бугарија за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.