Admir Fazlagic
17 Октомври 2019•Ажурирај: 18 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во Брисел се состана со потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Европската Унија сега треба да го направи одлучниот чекор и да донесе одлука за старт на преговорите за пристапување кон членство на Република Северна Македонија, и тоа ќе биде силна порака и за другите земји во регионот дека донесувањето тешки и одговорни одлуки, како и длабоките реформски процеси, се влог за подобра иднина, е заедничкиот став од денешната средба на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс“, соопшти Владата на Северна Македонија.
Премиерот Заев, на оваа средба на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во свое име, и во име на граѓаните на Северна Македонија, ја истакна благодарноста за поддршката на институциите на ЕУ, како и на земјите членки, за евроинтеграциските процеси и внатрешните реформи.
„Позитивна одлука на европските лидери за старт на преговори со Северна Македонија е логичен одговор за признавање на досегашните испораки на земјата и силен поттик за континуитет на реформите во насока на постигнување на европските стандарди“, рече на средбата премиерот Заев.
Тој потенцираше дека секое одложување на почетокот на преговорите ќе ослободи простор за влијание на трети страни на кои демократските вредности не им се приоритети.
Потпретседателот на Европската комисија, Тимерманс, од своја страна нагласи дека политиките и остварувањата на Владата на Северна Македонија се за почит и дека [Владата] има силна поддршка од европските институции и од огромното мнозинство на земјите членки на ЕУ кои се за почеток на преговарачкиот процес за членство.
Денеска и утре во Брисел се одржува дводневниот Самит на лидерите на ЕУ, на кој меѓу темите за кои ќе се дискутира ќе биде и започнувањето преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија.