Abdula Berisha
17 Јуни 2022•Ажурирај: 19 Јуни 2022
ОХРИД (AA) - Во рамките на Преспа форумот за дијалог (ФПД) се одржа сесијата „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно обновена и економски интегрирана?“, јавува Aгенција Анадолија (AA).
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, го одржа воведниот говор на сесијата, на која ја истакна важноста од членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ).
Тој рече дека Северна Македонија има донесено тешки одлуки за членство во НАТО и ЕУ, алудирајќи на постигнувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши спорот со името со Грција.
Иако членството во НАТО е завршена работа, Ковачевски потсети дека европската интеграција на земјата е во застој.
„Поради една блокада, Европската Унија не ги исполнува ветувањата, иако има широка поддршка од земјите членки, за што сум им навистина благодарен јас и граѓаните на државата. Продолжуваме да работиме на европеизација на севкупниот систем во државата, европските демократски и општествени вредности ги имплементираме дома. Ние сме дел од европското семејство и ги делиме истите вредности“, рече Ковачевски.
За време на сесијата, видеопорака имаше европскиот комесар за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји, кој рече дека светот се соочува со тешки економски времиња, наведувајќи ја кризата предизвикана од коронавирусот, како и војната во Украина.
Тој рече дека Западен Балкан е приоритет на ЕУ, додавајќи дека за ова го вклучиле и Западен Балкан во политиките за ублажување на кризата, како и за намалување на зависноста од руските фосилни горива.
Нагласи дека ќе продолжат инвестициите на ЕУ во Западен Балкан, ставајќи акцент на зелената економија и дигитализацијата.
„Нашата регионална соработка со нашите партнери од Западен Балкан е геополитички и геостратешки избор на Европската Унија. Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа. Лидерите на Европската Унија еднострано ја потврдија експлицитната поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан“, истакна Вархеји.
Говор имаше и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која рече дека кога станува збор за Западен Балкан, не се работи за проширување, туку за заокружување на ЕУ.
Како што нагласи Брнабиќ, регионот е опкружен со земји членки на ЕУ, а членството на Западен Балкан во ЕУ е стратешко прашање што треба да се реши што е можно поскоро.
„Тоа е важно и за нас, како Србија, бидејќи напредокот на целиот регион кон ЕУ е исклучително важен за регионалната безбедност, мирот, за стабилноста и за просперитетот на регионот, политички, како и економски“, порача Брнабиќ.
Таа, исто така, рече дека сега сѐ повеќе европски претставници нагласуваат дека Србија не може да влезе во ЕУ без да ја признае независноста на Косово, иако, според неа, во официјалните преговарачки документи тоа никогаш не се барало.
На сесијата со свој говор се обрати и Мајлинда Брегу од Советот за регионална соработка и Матео Бономи, економски експерт од Меѓународниот институт во Рим.
Во вториот дел од сесијата излагања имаа и министрите од регионот од економската сфера.