Abdula Berisha
16 Јуни 2022•Ажурирај: 17 Јуни 2022
ОХРИД (АА) - На Преспа форумот за дијалог се одржа сесијата на високо ниво со наслов „Што по војната во Украина?“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Воведниот говор на оваа сесија го имаше претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека незавршениот европски проект има безбедносни последици за регионот и пошироко.
Зборувајќи за конфликтот во Украина, тој потсети дека Русија го анектира Крим во 2014 година, додавајќи дека сите во Европа набрзо им се вратија на нормалните односи со Русија.
Пендаровски, исто така, рече дека уште пред војната во Украина, Русија се обидувала да ги наруши западните демократии, меѓу другото со лажни вести, додавајќи дека Русија ќе продолжи да го прави тоа и по војната во Украина.
„Што ако ние во Европа почнеме да се однесуваме како ништо да не се случило по војната во Украина? Ова е мојата најголема грижа во моментов“, рече меѓу другото Пендаровски.
Тој нагласи дека поддршката за Европската Унија (ЕУ) драстично е намалена во последните години во Северна Македонија, повикувајќи на искреност и јасна перспектива за земјите од регионот.
„Брисел треба да истапи и да каже: Ние навистина имаме сериозна намера за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и во секоја друга смисла. Во спротивно, сѐ повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект и автократските режими сѐ повеќе ќе се зајакнуваат во регионот“, рече Пендаровски.
Тој исто така посочи дека додека се чека европската интеграција, регионот се соочува со „демографска катастрофа“, поточно миграција на луѓе надвор од регионот.
На воведната сесија се обратија и претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Словенија, Борут Пахор, на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и на Хрватска, Зоран Милановиќ. Исто така, со видеопорака на присутните им се обрати претседателот на Украина, Владимир Зеленски, додека вториот дел од сесијата продолжи со говори на шефовите на дипломатиите на некои земји.