Zülfiya Yakup
14 Септември 2018•Ажурирај: 14 Септември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Кошаркарската репрезентација на Македонија ја совлада Репрезентацијата на Косово со тесен резултат 76 : 73 во првиот меч од втората рунда од претквалификациите за Европското првенство 2021, јавува Anadolu Agency (AA).
Мечот е одигран во импозантна атмосфера во полната сала во Палатата на младите во Приштина. Косово и Македонија се во групата Б, во која е уште и Романија.
Екипата на Македонија на почетокот од натпреварот беше подобра и водеше во еден момент со 14 поени разлика. Новиот косовски селектор, Дамир Мулаомеровиќ, со честите измени на играчите се обиде да ја забрза играта на својата екипа и разликата се намали, со што првата четвртина заврши со резултат 16 : 20.
Во втората четвртина играта беше изедначена, но Репрезентацијата на Македонија го одржуваше водството. Првото полувреме заврши со водство на Македонија од 34 : 29.
Екипата на Косово прв пат изедначи кон средината на третата четвртина 37 : 37. Кратко потоа Косово прв пат поведе со 41 : 39.
Третата четвртина заврши со предност на Косово 49 : 48.
Последната четвртина започна со тројка на тимот на Македонија, со што дојде до водство, а веднаш потоа Косово изедначи на 51 : 51. Меѓутоа, Македонија го зголеми водството. Четири минути пред крај на мечот резултатот беше 67 : 60.
Македонија до крај го одржа резултатот и мечот заврши со резултат 76 : 73.
Најмногу поени на натпреварот, 30, постигна капитенот на Косово, Дардан Бериша, додека во екипата на Македонија најдобар беше Трајановски со постигнати 17 поени.