Admir Fazlagic
23 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, вчера се обрати на 71. Генерално собрание на Обединетите нации, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на кабинетот на претседателот Иванов, тој нагласил дека светот се наоѓа на крстосница на многубројни кризи. „Влегуваме во фаза на фундаментални промени на глобалниот систем. Се соочуваме со трансформации коишто тешко можеме да ги запреме и да ги контролираме“.
„Ако има еден збор со кој можеме да ја опишеме состојбата во светот денес, тоа е нестабилност“, рекол македонскиот претседател во своето обраќање.
Иванов се осврнал и на тероризмот, потсетувајќи дека „Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но сѐ уште не ја доби војната против тероризмот“.
Справувањето со бегалската и мигрантската криза било една од темите на кои македонскиот претседател се фокусирал во својот говор на Генералното собрание на ОН, при што тој рекол дека Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа, но и посочил дека Европа се соочува со вториот помасовен бран.
„Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении, милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција што доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми за да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци што ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира“, рекол претседателот Иванов.
„Досегашниот однос кон миграните во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кои различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кои се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам“, истакнал Иванов во обраќањето.
Меѓу другото, македонскиот претседател Иванов се осврнал и на блокадите со кои се соочува Македонија на патот кон меѓународното признавање.
„Се соочивме со негирање на правото за самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската Унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, рекол Иванов.
Според неговите зборови, неодлучноста на Европската Унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија била една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија, којашто според Иванов кулминираше оваа година.
„Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој однадвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ“, истакнал претседателот Иванов и рекол дека на следниот самит на ‘Процесот Брдо-Бриони’ би сакал да учествува и премиерот на Грција.
„Следната година, Република Македонија ќе биде домаќин на ‘Процесот Брдо-Бриони’, кој полека ги заменува декларативните регионални иницијативи и механизми. Би сакал како специјален гостин на самитот да учествува премиерот на Грција“.