Husamedin Gina
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со Јасим бин Хамид Ал-Тани, новиот амбасадор на Државата Катар во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Кабинетот на Владата се истакнува дека на состанокот се поздравени членството на Република Северна Македонија во НАТО и политиките на дијалог и пријателство на премиерот Заев, и решението на долгогодишниот спор со Република Грција, за што е оценето дека е успешен пример во светски рамки.
На средбата оценето е дека Северна Македонија е мирољубива и пријателски определена држава којашто бележи напредок и има потенцијали за натамошен развој.
Меѓу другото на состанокот пренесен е интерес од Катар за разгледување можности за инвестиции во земјава.
„Ние сме насочени кон евроатлантските интеграции како стратешка определба на државата и истовремено работиме на создавање услови за подобар животен стандард и за економски развој на државата. Во таа насока ни е важна соработката со сите држави, посебно на економски план“, рече премиерот Заев.
На средбата е констатирано дека се унапредува соработката со Катар во делот на енергетиката, како и дека постојат можности за продлабочување на соработката во областа на туризмот, транспорт, земјоделието и културата.