Admir Fazlagic
22 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со европратеникот Рајнхард Бутикофер, од Европската партија на зелените, кој беше придружуван од претседателката на ДОМ (Демократска обнова на Македонија), Лилјана Поповска, пренесува Anadolu Agency (AA).
На средбата, како што соопштија од Владата на Република Македонија, европратеникот Бутикофер го информираше премиерот Заев дека е рестартирана групата за поддршка за пријателство на Македонија во Европскиот парламент, на која тој е потпретседател.
Тој, во оваа пригода ја пренесе поддршката за имплементацијата на Договорот со Република Грција и ја нагласи клучната важност од претстојниот референдум, како за иднината на Република Македонија, така и за регионот на Западен Балкан и Европската Унија.
„Не сме заинтересирани да видиме само решение на проблемот кој го имавте со Република Грција, туку сме спремни и да се ангажираме и да помогнеме за отворањето на вратите на ЕУ за напредокот на Македонија и да пружиме помош, дури и во овој момент, иако преговорите не се започнати, за унапредување во соработката со ЕУ“, рече на средбата Бутикофер.
Премиерот Заев, во разговорот со европратеникот, го поздрави рестартирањето на групата за поддршка за пријателство на Македонија во Европскиот парламент и рече дека тоа е значајно охрабрување за македонските граѓани, за Парламентот и за Владата на Република Македонија.
„Веќе нема земја во светот која не го препознава и признава нашиот идентитет по историскиот Договор со Грција, затоа што покажавме дека сме спремни да изнаоѓаме решенија, а не да изнаоѓаме проблеми. Затоа референдумот е одговорност на сите во создавањето поубава иднина за новите генерации“, рече премиерот Заев на средбата со европратеникот Бутикофер, информираат од Владата на Република Македонија.