Dejan Maksimoviç
04 Декември 2015•Ажурирај: 05 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Ивица Дачиќ, претседавајќи со Организацијата за европска безбедност и соработка (OSCE) мораше да ја суспендира завршната седница на Министерскиот самит, за да им даде време на делегатите да ги усогласат ставовите за донесување низа важни одлуки. Значи, претставници од 57 земји членки на OSCE сè уште немаат постигнато консензус што е неопходно за да се донесе било каква одлука, јавува Anadolu Agency (AA).
Паузата Дачиќ ја искористи да се поздрави со својот наследник, Франк-Валтер Штајнмаер, министер за надворешни работи на Германија кој следната година ќе претседава со OSCE.
„Процесот на преговори и понатаму е во тек. Мило ми е што ова се случува за јавноста да види дека не е лесна работа да се донесе одлука, кога мора да се усогласат сите 57 држави. Штајнмаер и јас планиравме заедно да се обратиме на новинарите, но тој мора да замине, па ја искористивме оваа пауза да ве запознае со своите планови за 2016 година“, рече Дачиќ.
Германскиот шеф на дипломатијата во добро расположение го напушта Белград и ветува дека во следната година ќе се обиде да одржи континуитет на добрата работа на OSCE, посебно на теренот во Украина.
„Напорно работевме овие два дена, но сè уште не сме постигнале резултати. Потребно е голем труд околу еден документ за да го усвојат сите земји членки. Долга низа години ја следам работата на OSCE и не можам да се сетам кога во минатото имало толку добра завршна конференција како оваа во Брелград. Ретко кога на самитите на OSCE се имаат одржано толку билатерални состаноци како што беше случај овде. Домаќинот обезбеди рамки за тоа и многумина тоа го искористија, па и јас. Во текот на 2016 година мораме да го прошириме форматот на дијалог, за да можат министрите да разговараат меѓусебе колку што е можно повеќе. Тоа е наша најголема задача. Тоа е одлучувачкиот ресурс кој ќе значи дека можеме да одржиме мир и безбедност. Треба да сфатиме дека сите имаме различни ставови околу кризните конфликти, но важно е дека и понатаму постои волја кај сите 57 земји членки на OSCE во мир да живеат едни покрај други“, рече Штајнмаер.
Кога станува збор за украинската криза, според него следната година ќе биде многу важно успешно да се спроведат изборите, а потоа да се почне со реализација на сите точки од Договорот од Минск.
„Добро е што спротивставените страни во Украина се претставија овде. Чиниме сè Договорот од Минск да се спроведе во практика, а тоа не е нималку лесно. Во тек на 2016 година ќе мораме да го задржиме нашиот ангажман во следењето на ситуацијата во Украина и да обезбедиме услови за претстојните избори. Тогаш ќе можеме да се посветиме на спроведувањето на Договорот од Минск во практика“, заврши Штајнмаер.