Husamedin Gina
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека во 2020 година околу 21,8 проценти од населението во земјата живеело под прагот на сиромаштијата, а поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза таа бројка денеска е повисока, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пендаровски денеска ја промовира Рамката за развој МКД 2030 како долгорочна визија за развојот и иднината на земјата.
МКД2030 ги утврдува политиките кои треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата, со цел напредок и подобар живот на граѓаните.
На промоцијата, претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека дијагнозата на проблемите со кои Северна Македонија со години се соочува е загрижувачка, рече дека земјата има скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки.
Подвлекувајќи дека корупцијата, клиентелизмот и сивата економија ја следат земјата практично од независноста, Пендаровски додаде дека сегашниот развој на земјата е еколошки неиздржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран и енергетски ранлив.
„Во 2020 година околу 21,8 проценти од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на Европската Унија. Поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка денес е повисока, Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични. А недовербата во институциите хронична“, нагласи Пендаровски.
Приоритети на Рамката за развој МКД 2030 се забрзан економски раст, повисока заштита на животната средина и реформирана енергетска политика, дигитализација и образование, млади и инклузивен развој.
Рамката за развој МКД2030 е автентичен документ изработен преку консултативен процес со националните институции, бизнис-секторот, академската заедница, граѓански и меѓународни организации и истакнати професионалци од повеќе области.