Ivana Ramadanova
11 Април 2016•Ажурирај: 12 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Организираните масовни и координирани обиди за илегален премин на границата што се случија вчера, според многу аспекти, вклучувајќи ја и вмешаноста на активисти на невладини организации, имаат карактеристики и наликуваат на сличниот инцидент за масовно илегално преминување на границата од 14-ти март годинава во кој беа инволвирани 2.500 мигранти, се вели во соопштението на МНР, јавува Anadolu Agency (AA).
Во вчерашниот инцидент на македонско-грчката граница кај Идомени, во кој беа повредени 23 припадници на македонските безбедносни сили, беа спречени над 3.000 мигратни насилно да влезат од Грција на македонска територија.
"Различни извештаи говорат дека во обидот да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации. Било регистрирано и дистрибуирање на летоци кои содржеле лажни информации дека штом мигрантите успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство, тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ", се посочува во соопштенеито.
Според МНР, македонските безбедносни сили, заедно со полициски службеници од неколку земји членки на ЕУ кои се распоредени на јужната граница, согласно Програмата за соработка на ЕУ и Македонија за поддршка на менаџирањето на границата заради справување со мигрантската криза, одговорија брзо и согласно ситуацијата и спречија нелегален влез. Притоа наведуваат дека не е повреден ниту еден од мигрантите кои учествуваа во насилните протести.
"Употребен е солзавец со цел да се растури насилната група. Не се употребени никакви други средства на контрола, ниту физичка сила против групата. Дваесет и тројца припадници на македонските сили се повредени за време на инцидентот. Воедно, ниту еден од извршителите не е повреден на македонска територија. Утврдени се неколку оштетувања на граничната ограда", се посочува во соопштението.
По вчерашните инциденти со мигрантите кај Индомени, со реакција се огласија и грчкиот министер за цивилна заштита Никос Тоскас и шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Македонија, Теохарис Лалакос.
Грчкиот министер за цивилна заштита, Тоскас ја осуди „употребата на сила“ од страна на македонската полиција против мигрантите и бегалците кои вчера се обидоа да ја преминат границата меѓу двете земји. Тоскас ги отфрли наводите дека македонската полиција дејствувала на грчката страна на границата, велејќи дека оградата е поставена два до три метри внатре на македонската страна од границата. Тој, исто така одговори на, како што рече, „критиките од Министерството за надворешни работи на соседната земја дека грчката полиција не се обидела да ги запре мигрантите да се качуваат на граничната ограда“, велејќи дека тоа дополнително ќе испровоцирало поголема реакција.
Реакција за вчерашните случувања упати и шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Македонија, амбасадорот Теохарис Лалакос, кој според грчкото МНР, ги повикал властите во Македонија „да одговорат соодветно на условите и да покажат соодветна одговорност, воздржаност и сериозност“.
На денешната средба со португалскиот премиер Антонио Коста, се огласи и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос кој упати критики до македонските власти во врска со вчерашните случувања во Идомени, наведувајќи дека „однесувањето на македонските власти е незамисливо и неприфатливо, и со ваквото однесување за соседната земја нема место ниту во ЕУ ниту во НАТО“.

"За жал, некои од нашите партнери се однесуваат со фобии кон бегалците. Тоа е нешто што не се вклопува во Европа и нејзиниот менталитет. Затоа што солидарноста е основен принцип на начинот на размислување на ЕУ. Тука сакам да истакнам дека соседните земји, ова посебно се однесува на Македонија, кои се стремат за влез во ЕУ и НАТО, кога се однесуваат кон бегалците како што се однесуваа на пример вчера тука во Грција, на начин кој е незамислив, неприфатлив за човештвото, јасно е дека не им е местото во ЕУ, ниту во НАТО", изјави Павлопулос.
По повод вчерашните настани во Идомени, според Организацијата „Лекари без граници” повредени се најмалку 260 лица, од кои 30 лица примиле медицинска помош поради повреди од гумени куршуми, 30 лица поради друг вид повреди а останатите 200 лица поради проблеми со дишењето, истакна претставник на Организацијата.