Kayhan Gül
27 Април 2016•Ажурирај: 27 Април 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Премиерот на Република Хрватска, Тихомир Орешковиќ, го прими претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во дводневна официјална посета на Загреб, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Орешковиќ го прими Ердоган и делегацијата составена од турски функционери и стопанственици во седиштето на хрватската влада, а турскиот претседател притоа се запиша во Книгата на впечатоци.
Ердоган напиша дека е почестен што во својство на претседател доаѓа во посета на Република Хрватска, која последен пат ја посети во својство на премиер во 2006 година.
„Забележливо е дека Хрватска во изминатиов десетгодишен период направила голем напредок на сите полиња и им честитам на сите кои придонесоа за тоа”, порача Ердоган.
Изразувајќи уверување дека актуелната посета на големата делегација составена од турски функционери и бизнисмени ќе биде важен чекор кон јакнењето на пријателството и соработката помеѓу двете земји, Ердоган во име на турската делегација и во свое лично име му посака мир и стабилност на пријателскиот хрватски народ.
Во продолжение на посетата, Ердоган ќе присуствува на свечениот ручек кој во чест на доаѓањето на турската делегација ќе го организира претседателот на хрватскиот Сабор, Жељко Реинер.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера допатува во дводневна официјална посета на Хрватска каде што се состана со највисоките претставници од земјата. Со турскиот претседател во Хрватска допатуваа и шестмина министри и околу 90 стопанственици, заинтересирани за соработка со хрватските стопанственици.
Поводот за доаѓањето на претседателот Ердоган во Загреб е и одбележувањето на 100-годишнината од институционалното признавање на исламот во Хрватска.