БРИСЕЛ (АА) - Угледот на Европската унија (ЕУ) во светот се нарушува поради неуспехот на земјите-членки да се справат со бегалската криза, порача денес во Брисел претседателот на Европската Комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер, јавува Anadolu Agency (AA).
Јункер ги повика земјите да прифатат повеќе бегалци кои пристигнуваат на брегот на Европа, откако над милион мигранти и бегалци пристигнаа во Европа по морски пат од почетокот на 2015 година.
"Неприфатливо е одредени земји членки да тврдат дека нема да прифатат бегалци. Тоа не е можно", рече Јункер.
Потсети дека Европа отсекогаш била позната како богата и континент на кого му се воодушевуваат, но сега "изгледаме како најслабиот, најсиромашниот дел на светот".
Претседателот на ЕК рече дека веќе му е незгодно да зборува за мигрантските проблеми на Европа пред земјите кои досега имаат прифатено над два милиони бегалци.
Како што пренесува Euronews, Јункер предупреди дека во ЕУ ќе порасне невработеноста доколку Шенген зоната се распадне, оценувајќи дека во тој случај би било бесмислено задржување на еврото како единствена валута.
"Шенген зоната е едно од најголемите достигнувања во процесот на европските интеграции. Без Шенгенот, без слободното движење на работниците, без слободата на европските граѓани да патуваат, еврото нема смисол", изјави Јункер на денешната конференција за новинарите.
Порача дека ако некој сака да го уништи Шенгенот, тој на крај ќе го уништи и единствениот пазар, а тоа, истакна, ќе доведе до проблеми со невработеноста во Европа.
"Помал Шенген значи и помала вработеност и помал економски раст", заклучи Јункер.