Bekim Laci
17 Јануари 2016•Ажурирај: 18 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ги повика лидерите на политичките партии да покажат одговорност кон граѓаните на Република Македонија, со цел да се стави крај на политичката криза, која според него долго време ја преокупира јавноста во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов истакна дека политичкиот договор има јасни рокови и одговорности и без натамошно одлагање да се спроведе истиот. Однесувањето на лидерите на политичките партии Иванов го оцени како неприфатливо и несериозно и според него тоа покажува недостаток на чувство за одговорност.
"Македонија, регионот и Европа се соочуваат со сериозни предизвици. Oна што најмалку ни треба сега е продлабочување на политичката криза", оценува Иванов.
Иванов изрази благодарност за целокупниот ангажман на меѓународната заедница, особено на еврокомесарот Јоханес Хан, со цел спроведување на политичкиот договор, истовремено ја поздравува подготвеноста на ЕУ да даде целосна поддршка и гарантира слободни и фер избори.
"Граѓаните на Македонија им ја имаат дадено својата доверба на политичките партии, но не за да бидат заложници на интересите и политичките блокади, туку затоа што чекаат од нив свесно и совесно да работат во интерес на државата", вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.