Oliver Towfigh Nia
02 Март 2026•Ажурирај: 02 Март 2026
БЕРЛИН (АА) – Поголем дел од граѓаните на Германија се противат на американската воена интервенција врз Иран, покажува најновата анкета објавена денес од јавниот сервис ЗДФ, јавува Анадолу.
Според резултатите од истражувањето, 59 отсто од испитаниците го отфрлиле американскиот напад врз Иран, додека 18 отсто го поддржуваат. Околу 13 отсто изјавиле дека се рамнодушни, а 10 отсто немале став по ова прашање.
Резултатите од анкетата се во спротивност со ставот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој во неделата изрази поддршка за нападите на САД и Израел врз Иран, истовремено признавајќи дека постои загриженост околу нивната легитимност и неизвесноста за натамошниот развој на настаните.
Говорејќи пред новинарите во Берлин, Мерц ја обвини иранската Влада за репресија врз сопственото население, дека со децении поддржува терористички организации, го дестабилизира регионот и им се заканува на други држави со својата нуклеарна програма и ракети со долг дострел.
Мерц вели дека германската Влада, исто така, го чувствува олеснувањето што го чувствуваат и Иранците дека на овој режим му доаѓа крајот.
„Го делиме интересот на САД и Израел да се стави крај на теророт на овој режим и на неговата опасна нуклеарна и балистичка програма“, додаде тој.
Конзервативниот лидер призна дека постојат дилеми во однос на законитоста на воените напади според меѓународното право, но нагласи дека долгогодишните дипломатски напори за ограничување на нуклеарните амбиции на Иран не дале резултати.
„Тука гледаме дилема“, рече Мерц.
„Меѓународните правни мерки и чекори што ги преземавме со децении очигледно беа неефикасни против режим што развива нуклеарно оружје и брутално го угнетува сопствениот народ.“