Islam Doğru
21 Декември 2020•Ажурирај: 22 Декември 2020
ЊУЈОРК
Редакцијата на весникот „Вашингтон пост“ објави текст под наслов „Кина отвори нов фронт во казнената војна против муслиманите во Западна Кина“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во написот во кој станува збор за извештајот објавен минатата недела од страна на Центарот за глобална политика, се вели: „Бербата на памук е нов вид на напорите на Кина во обид да го избрише традиционалниот менталитет и начинот на живот на Ујгурите.“
Во написот, во кој се забележува дека на ујгурските Туркијци им се заканува да бидат одведени во концентрационите логори наречени „кампови за обука“ доколку одбијат да работат на полињата со памук, се истакнува: „Кинеската Влада користи работни тимови за социјално преструктурирање на Ујгурите, со цел отстранување на нивниот јазик и традиции.“
Во текстот, потенцирајќи дека е потребно проширување на законот кој забранува увоз на памучни производи од Кина, се вели: „Дојде време и да се каже дека Кина нема да може да биде домаќин на најпрестижната спортска организација во светот, Зимските олимписки игри 2022 година, сè додека ги става Ујгурите во концентрациони логори и ги осудува на принудна работа.“
- „Обука за свесно спротивставување на религиозните активности, кои се нелегални според кинеските закони“
Адријан Ценц, член на Фондацијата во спомен на жртвите на комунизмот во Вашингтон и познат по неговата работа на кинеските прашања, на 14 декември во Центарот за глобална политика објави извештај во кој наведува дека Кина ги принудува ујгурските Туркијци и другите малцинства во земјата да работат на полињата со памук.
Во својот извештај, Ценц тврди дека стотици илјади луѓе се принудени да работат на полињата со памук во автономниот ујгурски регион во Кина, Синџианг, нагласувајќи дека резултатите што ги добил од официјалните документи и вестите имаат важност од „историски размер“.
Наведувајќи дека документите вклучуваат изјави дека на работниците им се дава „обука за спротивставување на незаконските религиозни активности“, Ценц истакна дека тоа покажува дека политиките за принудна работа главно се насочени кон муслиманските групи, првенствено кон Ујгурите.
- Светски познати компании престанаа да купуваат памук поради „присилната работа“
Шведската компанија за облека „H&M“ во октомври објави дека нема да набавува памук од автономниот ујгурски регион во Кина, Синџианг, поради „присилната работа“ на која се изложени етничките малцинства.
И фирмите и компаниите „Sümerra“, „Bureau Veritas SA“, „TUV SUD“, „RİNA SpA“ како и Агенцијата одговорна за акредитирано производство во светот (WRAP), кои обезбедуваат услуги како што се меѓународна ревизија, контрола, сертификација, проценка на сообразност, обезбедување на работничките права и свесно користење на околината, донесоа одлука да не набавуваат памук од Синџианг.
Во извештајот што Австралискиот институт за стратешка политика (ASPI) го објави во март се наведува дека Кина присилно испратила над 80.000 ујгурски Туркијци да работат во фабриките во периодот 2017-2019 година. Австралискиот институт за стратешка политика (ASPI) во тој извештај посочува дека шведската компанија „H&M“ е една од корисниците на трансфер-програмата за присилна работа поради нејзините односи со производителот на обоено предиво „Huafu Fashion“.
- Контроверзни логори во автономниот ујгурски регион Синџианг
Последните години, кинеските нарушувања насочени кон идентитетот и културата на ујгурските Туркијци се критикувани и од меѓународната јавност.
Според податоците на ОН, Пекинг, во местата кои ги нарекува „центри за стручна обука“, а кои меѓународната заедница ги опишува како „кампови за превоспитување“, држи најмалку 1 милион ујгурски Туркијци спротивно на нивната волја. Администрацијата во Пекинг не дава информации за тоа колку логори има во автономниот ујгурски регион Синџианг, колку луѓе има во нив и колку од тие луѓе се вратиле во општествениот живот.
Бидејќи ОН и другите меѓународни организации ги повторија повиците за отворање на камповите за увид и контрола, Кина досега дозволи мал број странски дипломати и членови на печатот делумно да видат неколку кампови што самата ги одреди.
Кинеските власти го одбиваат барањето на официјалните лица на ОН за слободно испитување на регионот со цел добивање директни информации.