Ali Altunkaya
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
Полицајците на коњи што во традиционална облека ја извршуваат својата должност во историската чаршија во главниот град на Катар, Доха, придонесуваат за одржување на безбедноста и им приредуваат носталгично доживување на посетителите, јавува Анадолу.
Полицајците на коњи од Полициската туристичка служба на Катар, кои патролираат во Сук Вакиф, позната како „традиционалното лице“ на Катар, го привлекуваат вниманието на туристите.
Облечени во традиционална облека и јавајќи чистокрвни арапски коњи полицајците се движат низ тесните улички на чаршијата, придонесувајќи за безбедноста во часовите кога има најмногу посетители, а истовремено се вклопуваат во историската атмосфера на областа.
- Сук Вакиф, традиционалното лице на Доха -
Сук Вакиф, една од значајните туристички точки во Доха, со традиционалните продавници, ресторани, ракотворби, продавници за зачини и пазарот за соколи се смета за еден од важните центри на културното наследство на Катар.
Чаршијата Сук Вакиф, основана во минатото во областа Мушејриб во главниот град, покрај некогашното речно корито, го добила името од арапскиот збор вакиф, што значи оној што стои, како алузија на тоа дека во тој период продавачите стоејќи ги продавале своите производи.
Основана пред околу еден век, чаршијата била обновена во 2004 година со модерна архитектура. Во чаршијата, чија реставрација е изведена во согласност со традиционалната катарска архитектура, впечатлив е и големиот избор на производи.
Покрај облека, во чаршијата има продавници во кои се продаваат ракотворби, зачини, рачно изработени производи, мириси, музички инструменти, украсни предмети и накит, како и места каде што се продаваат животни, како птици, коњи и камили.
Во чаршијата, каде што се чувствува традиционалниот амбиент, посетителите може да се движат низ продавниците во кои се продаваат стотици производи, опкружени со интензивните мириси на зачини и да купуваат придружени со ориенталната музика што се слуша од продавниците.