Жените од турски Битлис ја претвораат волната во предиво со традиционални методи
- Во областа Хизан жените ја претвораат волната од стрижените овци во предиво со традиционални методи и ја користат за изработка на чорапи, теписи и молитвени килимчиња
Şener Toktaş, Orhan Alca
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
photo: Şener Toktaş / AA
БИТЛИС
Жените во областа Хизан во турската област Битлис ја обработуваат волната од овците што се стрижат на планинските пасишта и со традиционални методи ја претвораат во предиво.
Работата со волна за жените што живеат во селото Јениџик, кое се наоѓа на планинска падина во Хизан, започнува рано наутро со искачување до пасиштата.
По молзењето на овците, жените го ставаат млекото во садови, а волната од стрижените овци во вреќи, па со тешките товари на грб се упатуваат кон селото.
Во селото волната прво се пере и се суши на сонце, па се удира со стапови за да се растресе, а потоа се провлекува низ чешел за да се одвојат и омекнат влакната.
Фотографија : Şener Toktaş/AA
На крајот, со помош на алатка за предење волната се претвора во предиво, кое се користи за изработка на чорапи, молитвени килимчиња, дисаги и теписи.
И покрај тоа што технологијата навлезе во секојдневниот живот, жените што не се откажуваат од традиционалните методи волната што ја обработуваат не ја користат само за потребите во домаќинството, туку и за подготовка на чеиз.
- „Ова е култура“ -
Гурбет Демир, која заедно со мајка ѝ ја претвора волната во предиво, за Анадолу изјави дека нивната работа на пасиштето започнува рано наутро.
Фотографија : Şener Toktaş/AA
Посочувајќи дека по носењето на волната во селото таа поминува низ долг процес, Демир раскажува:
„Волната од животните што ги стрижеме на пасиштето ја носиме во селото и ја переме. Откако ќе ја исушиме, волната што ја провлекуваме низ чешел ја претвораме во предиво со алатка за предење. Од волна правиме чорапи, молитвени килимчиња, дисаги, душеци, перници и теписи. Сè правиме со волната. Бидејќи патот е долг, тешко ни е додека ја носиме волната, но без труд не може. Производите направени од волна ги користиме во секојдневниот живот. На сите им препорачувам да користат волна. Јорганите, перниците и душеците направени од волна се поздрави.“
Раскажувајќи дека сакаат традиционалниот метод да им го пренесат на идните генерации, Демир истакна: „Целата оваа волна ја користиме за нашите потреби. Понекогаш правиме молитвени килимчиња за да ги ставиме во чеизот. За невестите правиме душеци и јоргани. Ова е култура. Ова го научив од мајка ми, а таа го научила од својата мајка. Тешко е, но не сакаме да ја изгубиме оваа култура и се обидуваме да ја одржиме.“
Фадиме Демир, која вели дека волната ја обработува според методот што го научила од мајка ѝ, објаснува: „Ова е макотрпна работа. Бидејќи оддалеченоста е голема, се мачат и моите деца. Од мајка ми научив како се прави предиво од волна. Користиме традиционални методи.“