Şeyma Erkul Dayanç
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Најавата на Израел дека ќе престане да купува француска воена опрема се оценува како претежно симболичен потег, со оглед на тоа што Франција не е значаен снабдувач на оружје за Тел Авив, објави истражувачкиот портал „Медиапар“, пренесува Анадолу.
На крајот на март израелското Министерство за одбрана соопшти дека ќе го прекине увозот на одбранбена опрема од Франција, со што индиректно сигнализираше дека Париз повеќе не се смета за сојузник, јавуваат француските медиуми.
„Медиапар“ објави дека овој потег „во најголем дел e симболичен“, нагласувајќи дека Франција не е клучен снабдувач на Израел.
Во објавата се наведува дека во 2024 година Франција испорачала воена опрема во вредност од 16,1 милион евра за Израел.
Дополнително, новите нарачки од Израел изнесувале 27,1 милион евра, додека значително поголеми износи биле регистрирани за други земји – 1,25 милијарди евра за Ирак, 718 милиони евра за Обединети Арапски Емирати и 170 милиони евра за Саудиска Арабија.
Најавата на Израел следува по транзитот на американски авиони преку Франција по почетокот на војната во Иран.
На почетокот на март францускиот Генералштаб соопшти дека авионите биле прифатени во воздухопловната база во Истр само по добиени гаранции дека „на никаков начин нема да учествуваат во операции што ги спроведуваат Соединетите Американски Држави во Иран“.
Воени аналитичари цитирани од „Медиапар“ посочуваат дека дури и логистичката поддршка може индиректно да придонесе за операциите, иако не вклучува директни напади.