Kemal Zorlak
04 Јануари 2019•Ажурирај: 06 Јануари 2019
КЕЛН (АА) - „Муслиманите во Европа имаат длабоки историски корени и се составен и неодделив дел од европскиот континент“, се порачува во Заедничката декларација со чија објава е завршен Самитот на муслиманите во Европа, одржан во германскиот град Келн, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за втор по ред и за тридневен самит, на кој се собраа претставниците на исламските заедници на муслиманите кои живеат на тлото на европскиот континент, како и претставниците на голем број невладини организации.
За време на Самитот се одржани вкупно пет панели кои се однесуваа на иднината на муслиманите во Европа, структуралните проблеми и правни процеси на исламските институции во Европа, негативните ефекти на сепаратистичките движења со религиски референци, исламското верско образование, и стратегиите за негативната перцепција на исламот во европските медиуми.
Во Заедничката декларација, меѓу останатото, е истакнато дека муслиманите во Европа, чии корени се протегаат длабоко во историјата, и денес се составен и неодделив дел од европскиот континент. Поради тоа е невозможно и неприфатливо муслиманите да се споменуваат во контекст на внатрешниот или надворешен елемент кој претставува закана по сегашноста или иднината на Европа.
Нагласено е, исто така, дека е незамисливо дека Европа, која се истакнува со своите законски и демократски принципи, постоењето на муслиманите во Европа го третира како безбедносно прашање, како ни тоа дека го смета за социјална, културна и општествена закaна.
„Таквиот став е неспоив со научната, академската и општествената стварност и е во спротивност со разбирањето на демократското општество“, се наведува во декларацијата.
Укажано е на присутноста на значајните општествено-психолошки фактори, кои произлегуваат од нетолеранцијата и расистичките пристапи кон муслиманите и мигрантите.
Нагласено е дека терористичките организации ФЕТО, ДЕАШ, ПКК, Боко Харам, Ес Шабаб, го злоупотребуваат исламот, исламските поими и хуманитарни вредности.
„Исламот е религија на мир која ги брани истите универзални вредности низ светот. Освен тоа, придавките како „германски ислам“, „француски ислам“, „белгиски ислам“, „европски ислам“, односно поимањето на исламот кон одредени географски подрачја и народи, е во спротивност со она што е универзалност на исламот“, се истакнува во Декларацијата.
На Самитот во Келн присуствуваше и претседателот на Управата за верски работи на Република Турција, Али Ербаш.