Mehmet Yılmaz
27 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
БУДИМПЕШТА (АА) - Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави дека во рамките на борбата против пандемијата на Ковид-19, на Унгарија помош ѝ пристигнала од земјите членки на Советот за соработка на државите од туркиското говорно подрачје (Туркиски совет) и од Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Орбан во своето неделно обраќање пред нацијата на државното радио зборуваше во врска со преземените мерки против пандемијата на новиот тип коронавирус во земјата.
Орбан истакна дека борбата на Европската Унија (ЕУ) со пандемијата на Ковид-19 е недоволна.
„Ние сме членка на ЕУ. Ние сакаме моќна ЕУ, но треба да уочиме дека ЕУ има свои слаби страни. Тие слабости особено јасно се забележителни во овој период на пандемијата. Со нашите соседи и членките на Вишеградската група (В4: Полска, Чешка, Унгарија, Словачка) одделно се среќаваме, но потребно е да се забележи дека помошта од таму не доаѓа. Помош добивме од Кина, помош побаравме и добивме од Турскиот совет, каде што Унгарија е членка набљудувач. Во моментов состојбата е таква. Без оглед на тоа, ние сè уште сме членка на ЕУ. Ние сме дел од Западната алијанса, тука е нашиот дом и потребно е да си помагаме едни на други, но можеме да забележиме дека од таму помошта не пристигнува“, рече Орбан.
- Ограничувања во излегувањето на улица во Унгарија
Покрај тоа, Орбан истакна дека поради пандемијата на Ковид-19 на ниво на целата земја е донесена одлука за ограничување на излегувањето на улица.
Орбан истакна дека во рамките на донесената одлука граѓаните на Унгарија ќе можат да излегуваат од дома само за да одат на работа и при подмирување на своите основни потреби, додавајќи дека одлуката стапува на сила на 28 март и ќе трае до 11 април.
Тој додаде дека со цел да се заштитат постарите лица, во периодот од 9 до 12 часот во супермаркетите, аптеките и продавниците што продаваат производи за чистење ќе можат да влегуваат само лицата на 65 и повеќегодишна возраст.