Kristina Maslareviç
25 Август 2016•Ажурирај: 27 Август 2016
БЕЛГРАД (АА) - Потпретседателот на Владата на Република Србија и министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, денес се состана со министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во местото Хајдуково, општина Суботица, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, Стефановиќ изјави дека задача на Србија е да ја зајакне надворешната заштита на нејзините граници и во тоа да има поддршка од Унгарија. Тој наведе дека денес разговарале за испраќање на припадниците на унгарската полиција на српската граница со Македонија или Бугарија, во согласност со проценките кои ќе ги донесат и двете полиции.
„Тоа ќе го сториме за да успееме да го спречиме секој раст на протекот на илегалните миграции, за кој очекуваме дека може да се случи кога временските услови ќе станат полоши и кога оние миграциски рути преку морето ќе отпаднат и ќе се зголемат миграциските рути преку копно”.
Стефановиќ додаде дека процесот на реадмисија е многу важен за сите и дека Србија дошла во ситуација на максимално зајакнување на безбедносните сили на граничните линии, со цел да се обиде да ги спречи првите контакти со земјата да бидат непочитувањето на законот, неговото кршење и нелегалниот влез.
„Исто така, мораме да вложиме голем напор за да објасниме дека процесот на реадмисија е единствен клуч кој ќе се обиде да го намали бројот на мигранти, кои не можат да побараат азил во нашите земји, не можат да побараат азил во Европа и едноставно по одлуките на нашите тела кои донесуваат одлуки за азил, да бидат вратени во земјите од коишто потекнуваат. На тоа мораме да работиме заеднички со соседите со кои имаме билатерални договори, но исто така и од земјите од каде што потекнуваат мигрантите, за што очекуваме поголема поддршка од Европа, за што поголем број мигранти вратиме во своите земји”, додаде Стефановиќ.
Тој истакна дека разговарал и со министерот Пинтер за зајакнување на заедничките патроли на унгарско-српската граница, како и околу доброто функционирање на механизамот на таа соработка.
„Сакаме да покажеме дека Србија нема на никаков начин да ги толерира криумчарите на луѓе, нема да ги толерира нелегалните обиди за премин на нејзината државна граница, било да се работи за влез или излез од нашата земја”, истакна Стефановиќ.