Ekipa
04 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
БАГДАД (АА) - Ирачкиот претседател, Бархам Салих, денес изјави дека американските сили распоредени во неговата земја немаат право да го следат соседен Иран, барајќи од Вашингтон да го разјасни мандатот на американските трупи што сè уште се наоѓаат во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Салих овие коментари ги даде како одговор на вчерашната изјава на американскиот претседател, Доналд Трамп, за телевизискиот канал „Си-би-ес“ (CBS), кој истакна: „Потрошивме богатство за градење на оваа извонредна база, ние можеме и да си ја задржиме“, мислејќи на воената воздухопловна база „Ајн ал-Асад“ во западниот дел на Ирак, која ја посети во декември минатата година.
„Една од причините зошто сакам да ја задржам [воздухопловната база] е затоа што сакам да го следам Иран, бидејќи Иран е вистински проблем“, рече Трамп.
Во своето обраќање на денешниот форум во Багдад, Салих одговори дека американските сили моментално распоредени во Ирак „немаат право да прават ништо друго надвор од рамките на договореното во потпишаниот [безбедносен] договор.“
„Ирак не сака да биде оска на конфликт меѓу ... државите“, нагласи ирачкиот претседател, „затоа очекуваме разјаснување од Вашингтон за бројот на американските војници [во Ирак] и за нивната мисија.“
Тој истакна дека Багдад се стреми кон подобрување на односите со своите соседи, вклучувајќи го и Иран.