Dildar Baykan
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џејмс Матис, рече дека неговата земја се надева оти кризата со Северна Кореја ќе се реши по дипломатски пат, јавува Anadolu Agency (AA).
„BBC“ (Би-би-си) објави дека Матис доцна синоќа во сојузната држава Калифорнија изјави оти како министер за одбрана е секогаш подготвен на конфликт.
Тој додаде дека дипломатските напори на министерот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, и постојаната амбасадорка на САД во Обединетите нации (ОН), Ники Хејли, даваат резултати.
„Трагедијата на војната е добро позната. Не е потребна никаква друга карактеризација од фактите за да биде катастрофални“, вели Матис.
Запрашан за воените планови на САД за потенцијалниот судир, Матис рече дека земјата е подготвена, но нема на непријателот однапред да му каже што планира да направи.
Јужнокорејската новинска агенција „Yonhap“ (Јонхап) објави дека денес советникот за национална безбедност на САД, Х.Р. Mекмaстер и неговиот колега од Јужна Кореја, Чун Еуи-Јонг, договориле разговор за чекорите против Северна Кореја пред тие да бидат преземени.
Отворените закани на релација меѓу Пјонгјанг и Вашингтон траат со недели. Северна Кореја се закани дека со нуклеарен проектил ќе ѝ одржи сериозна лекција на Америка, а американскиот претседател Доналд Трамп претходно соопшти дека Северна Кореја ќе се соочи со оган и бес каков што досега светот не видел.
Последна во серијата закани од Северна Кореја беше најавата за напад врз американската воена база во Гуам.