Maan Amed Haydar
11 Септември 2020•Ажурирај: 12 Септември 2020
ЏАКАРТА
„Сингапур ерлајнс груп“ (Singapore Airlines Group) соопшти дека отпушта 4.300 вработени лица поради економските последици предизвикани од пандемијата Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извршниот директор на компанијата, Гох Чун Фонг, изјави дека одлуката е донесена бидејќи процесот на закрепнување на компанијата ќе биде долг и полн со неизвесност.
„Дојдовме до точка кога моравме да ја донесеме оваа болна одлука. Да ги отпуштиме нашите драгоцени и посветени работници е најтешката и најстрашна одлука во текот на моите 30 години во компанијата“, изјави тој.
Од оваа компанија соопштија дека околу 2.400 локални и странски вработени лица ќе останат без работа, а 1.900 работни места веќе се укинати како последица на мерките како што се замрзнување на вработувањето и доброволно заминување.
Три авиокомпании од групата - Singapore Airlines Ltd., SilkAir (Сингапур) Pte. Ltd. и Scoot Tigerair Pte. Ltd. во март вработиле околу 21.300 лица.
По огромниот пад на превозот на патници од 99,5 отсто поради затворање на земјите и ограничувањето на патувањата, групацијата „Сингапур ерлајнс“ работи со само 8 отсто од вообичаениот капацитет.
Се очекува компанијата да работи со помалку од 50 отсто од нормалниот капацитет до крајот на финансиската година, 31 март 2021 година, и се истакнува дека патничкиот сообраќај може да се врати на претходното ниво само околу 2024 година.
„Сингапур ерлајнс груп“ е во особено ранлива позиција бидејќи нема домашен пазар кој прв ќе забележи закрепнување.