Büşra Selvi Öğütcen
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот главен стратег на американскиот претседател, Доналд Трамп, Стив Бенон, изјави дека отпуштањето на Џејмс Коми од местото директор на Федералното биро за истраги (ФБИ), е најголемата грешка во модерната политичка историја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бенон, за време на интервјуто за „CBS“ (Си-би-ес) изјави дека се противи на отпуштањето на Коми од раководната функција во ФБИ, кое тој го окарактеризира како институција.
„Не сметам дека институционалната логика на ФБИ, особено кога станува збор за истрагата, ќе се смени со промена на директорот“, рече Бенон, кој отпуштањето на Коми го нарече најголема грешка во модерната политичка историја.
Бенон се осврна и на истрагата на Роберт Милер, специјалниот истражител за наводната вмешаност на Русија во минатогодишните претседателски избори во САД.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, на 18 август ги потврди наводите дека Стив Бенон добил отказ.
Откако Трамп на 10 мај го разреши директорот на ФБИ, Коми, кој ја водеше истрагата за вмешаноста на Русија во американските избори, Министерството за правда на САД на чело на истрагата како специјален истражувач го постави поранешниот директор на ФБИ, Роберт Милер. Разрешувањето на Коми го привлече вниманието на јавноста кон истрагата за Русија.