Muhammed Enes Çallı
04 Септември 2024•Ажурирај: 05 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Сателитскиот интернет-потфат на СпејсИкс (SpaceX), „Старлинк“, објави дека ќе ја почитува наредбата на Врховниот суд на Бразил за блокирање на пристапот до платформата на социјални медиуми X, јавува Анадолу.
„Без оглед на незаконскиот третман на 'Старлинк' при замрзнувањето на нашите средства, ние ја почитуваме наредбата да го блокираме пристапот до X во Бразил“, истакнаа од „Стралинк“ на платформата Х, кој е во сопственост на Илон Маск.
Се додава дека тие „продолжуваат да ги следат сите правни патишта, како и другите“ што се согласуваат дека неодамнешната наредба на судијата Александре де Мораес го прекршува бразилскиот Устав.
Во петокот, Врховниот суд на Бразил ја забрани X во земјата откако платформата отворено им пркосеше на наредбите на судот и не ги плати одредените казни.
Одлуката дојде по обвинувањата дека Х, во сопственост на Маск, постојано ги игнорирала наредбите и прописите на бразилскиот суд.
Судот нагласи дека платформата е канал за говор на омраза и расизам и дека се меша во демократските процеси во земјата.
На 28 август главниот судија во земјата, Александре де Мораес, му даде на Маск 24 часа да назначи правен застапник во Бразил, предупредувајќи дека ако не се случи тоа, Х ќе биде суспендирана во земјата.