Saadet Firdevs Aparı
23 Септември 2022•Ажурирај: 24 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Производителот на електрични возила „Тесла“ ќе повлече 1,1 милион возила во Соединетите Американски Држави (САД) поради проблеми во системот за автоматско спуштање и кревање на прозорците кои може да доведат до повреда на прстите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), извештајот подготвен од одговорните лица во САД покажал дека прозорците може да не реагираат правилно кога ќе се открие некој проблем во возилото.
Националната управа за безбедност на сообраќајот на патиштата соопшти дека се работи за безбедносно прекршување. Поради тоа одлучено е да се повлечат 1,1 милион возила поради пребрзото затворање на прозорците и можноста луѓето да се повредат.
Во соопштението на „Тесла“ се наведува дека проблемот ќе се реши со ажурирање на софтверот.
Компанијата го откри проблемот со автоматските прозорци за време на тестирањето на производството во август.
Беше забележано дека нема информации за несреќи, повреди или смртни случаи поврзани со овој проблем.
Сопствениците на проблематичните возила ќе бидат известени со допис од 15 ноември.
Документите на компанијата покажуваат дека возилата произведени по 13 септември имаат ажуриран софтвер потребен за да се реши проблемот.