Emre Gürkan Abay
23 Септември 2022•Ажурирај: 24 Септември 2022
МОСКВА (АА) ‒ На подрачјето на таканаречените народни републики Доњецк и Луганск и во регионите Запорожје и Херсон во источниот дел на Украина, кои се под контрола на проруските сепаратисти, започнаа референдуми за нивно припојување кон Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Референдумите ќе траат до 27 септември, а рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека ќе ги поддржи резултатите од гласањето.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, реагира на одлуките за референдумот во источните украински региони и рече дека тоа се лажни референдуми и измама која нема да промени ништо.
Голем број држави и меѓународни организации реагираа на референдумите и изразија загриженост дека со тоа се продлабочува кризата во регионот.
„Загрижени сме поради обидите за одржување унилатерални референдуми во некои делови на Украина под руска контрола“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Американскиот претседател Џо Бајден ги нарече референдумите „сериозно кршење“ на Повелбата на Обединетите нации.
Русија планира да ги анектира споменатите региони врз основа на резултатите од референдумот, а руските власти предупредија дека земјата би можела да прибегне кон употреба на стратешко нуклеарно оружје за одбрана на регионите кои Москва ќе ги смета за руска територија по референдумот.