Diyar Güldoğan
19 Август 2026•Ажурирано: 19 Август 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа изјави дека ја одложил планираната царина од 50 отсто за канадски стоки пред крајниот рок на полноќ, јавува Анадолу.
„Се одложуваат царините од 50 отсто за Канада, кои требаше да стапат на сила утре наутро, на период од три дена, врз основа на фактот дека Канада и САД, во очекување на финализирање на документите, имаат договор!“, напиша тој на својата платформа Трут социал.
Трамп, исто така, посочи дека договорот би можел да доведе до обновување на проектот за нафтоводот „Кистоун Икс-Ел“, голем прекуграничен енергетски проект што беше откажан за време на претходната администрација на Бајден.
„Големиот нафтовод 'Кистоун Икс-Ел', кој одамна беше уништен од поспаниот Џо Бајден, можеби ќе биде оживеан“, рече тој.
Објавата е дадена по вчерашниот телефонски разговор меѓу Трамп и канадскиот премиер Марк Карни, кој настојуваше да постигне договор и да ги избегне царините за канадски стоки во вредност од околу 30 милијарди канадски долари (22 милијарди американски долари).
Од своја страна, Карни изјави дека САД се согласиле да ја одложат примената на планираната царина од 50 отсто за низа канадски стоки во согласност со член 338 од американскиот Царински закон од 1930 година до крајот на денот на 21 август.
Канада и САД во последните недели одржаа „интензивни разговори“ со цел решавање на трговските спорови и обезбедување поголема сигурност за канадските бизниси, работници, земјоделци и семејства, додаде тој.
„Постигнат е значителен напредок, иако сè уште има важна работа што треба да се заврши“, наведе Карни во соопштение.
Тој додаде дека Канада ќе остане фокусирана на зајакнување на домашната економија додека продолжуваат преговорите.