Şeyma Erkul Dayanç
11 Мај 2026•Ажурирај: 11 Мај 2026
Франција го регистрираше првиот потврден случај на хантавирус кај патничка што се вратила од крузерот „МВ Хондиус“, каде што беше детектирано жариште на заразата, соопшти денес министерката за здравство, јавува Анадолу.
Пациентката е жена што била меѓу петте француски државјани евакуирани од бродот и пренесени со авион од шпанските Канарски Острови во Франција вчера, изјави Стефани Рист за радиото Франс Интер.
Таа развила симптоми за време на евакуацискиот лет меѓу шпанскиот остров Тенерифе и францускиот аеродром „Ле Бурже“ во близина на Париз.
„Тестовите се позитивни на хантавирус“, рече Рист, додавајќи дека состојбата на пациентката „за жал се влошила во текот на ноќта“.
Францускиот премиер Себастиен Лекорну преку американската компанија за социјални медиуми Х објави дека жената веќе покажувала симптоми за време на летот.
Другите четворица француски државјани биле негативни на вирусот, но ќе останат во изолација најмалку 15 дена, соопшти министерката за здравство, додавајќи дека властите може да ги продолжат мерките за изолација според постојните регулативи.
Властите, исто така, идентификуваа 22 француски државјани што биле на претходни летови поврзани со овој кластер, вклучително и летовите меѓу Света Елена и Јоханесбург, како и меѓу Јоханесбург и Амстердам.
Министерството за здравство соопшти дека осум француски државјани од летот Света Елена – Јоханесбург биле ставени во изолација пред речиси една недела, додека на другите им е наложено да контактираат со здравствените власти и да се самоизолираат.
Хантавирусот е ретка болест што обично се пренесува преку заразени глодачи или нивниот измет, иако сојот одговорен за ова жариште може да се шири и меѓу луѓето.