АНКАРА (АА) - Чистото готвење - користењето модерни уреди, шпорети и видови горива, особено течниот нафтен гас (ТНГ), се предвидува да биде достапно само за 77 отсто од глобалното население до 2030 година, оставајќи околу 1,9 милијарди луѓе без пристап, од кои 1,1 милијарда во Супсахарска Африка, покажува Извештајот на Форумот на земји извознички на гас (GECF) за 2050 година, јавува Анадолу.
Извештајот покажа дека станбените згради се најголем сектор – потрошувач на енергија во Африка.
Според извештајот, домувањето сочинувало 56 отсто од потрошувачката на енергија во Африка во 2022 година, а биомасата била доминантен извор на енергија, особено во Супсахарска Африка.
Во извештајот се наведува дека главна причина за значително поголемата потрошувачка на биомаса во африканските домаќинства во споредба со другите региони во светот е недостигот на пристап до сигурни, финансиски достапни и одржливи модерни извори на енергија.
Според тоа, домаќинствата во регионот немаат енергетска алтернатива освен да се потпрат на дрвото и изметот од животни.
Според извештајот, жените и децата треба да го носат најтешкиот товар за собирање на овие горива што биле штетни за нивното здравје.
„Во Супсахарска Африка домаќинствата без пристап до чисти капацитети за готвење обично поминуваат во просек по два часа секој ден 'собирајќи' гориво. Покрај тоа, тие трошат три часа на готвење и подготовка на храна. Последиците по здравјето од користењето на традиционалните шпорети и отворен оган за готвење се сериозни“, се вели во извештајот.
Домашното загадување на воздухот е втора водечка причина за предвремени смртни случаи во Супсахарска Африка, предизвикувајќи околу 700.000 смртни случаи годишно, од кои 60 отсто се жени и деца.
Според извештајот, транзицијата од традиционална биомаса кон течен нафтен гас може да помогне да се намалат „страшните“ здравствени ризици што се поврзуваат со честичките што произлегуваат од гасните реакции.
Форумот на земји извознички на гас во извештајот цитира дека таквата транзиција може да спаси околу 400.000 животи годишно во Африка со намалување на изложеноста на честичките во животната средина.
Според Обединетите нации, процентот на поединци што имаат пристап до чисти горива за готвење и технологии се зголемил за само 7 отсто од 2015 до 2021 година.
Сепак, Форумот истакна дека има значителен и постојан напредок во Јужна и Југоисточна Азија, особено во земјите како Индија и Индонезија, за разлика од Супсахарска Африка, каде што регионот има најниски стапки на пристап. Овде напредокот во решенијата за чисто готвење не е во чекор со растечката популација.
Вкупно 900 милиони луѓе останаа без можности за „чисто готвење“ во 2021 година, а ако продолжат сегашните трендови, се предвидува дека само 77 отсто од светското население ќе има пристап до решенија за „чисто готвење“ до 2030 година, оставајќи околу 1,9 милијарди луѓе без пристап, од кои 1,1 милијарда се во Супсахарска Африка.
Извештајот, наведувајќи како пример различни иницијативи во Индија, истакна дека бројот на луѓе што користат течен нафтен гас ќе се зголеми за 300 милиони од 2015 до 2022 година.
Исто така, се залага за течен нафтен гас, чист, ефикасен и лесно достапен извор што може да се складира во цилиндри што може да ги намали опасностите по здравјето.
news_share_descriptionsubscription_contact
