Bayram Altuğ
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во епидемијата на колера во Јемен, досега животот го загубиле 1.400 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Советникот на СЗО за вонредни состојби во Јемен, д-р Ахмед Зуитен, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, истакна дека од 27 април се регистрирани 218.798 сомнителни случаи во земјата.
Зуитен пренесе дека од април, од епидемијата на колера животот го загубиле 1.400 лица.
Во Јемен, чии здравствени власти не можат да ја спречат епидемијата на колера, испратени се медицински материјали од страна на меѓународни организации како СЗО, Црвениот крст и Фондот за деца при ОН (УНИЦЕФ) за борба против болеста.
Три милиони луѓе во Јемен, раселени поради конфликтите коишто траат веќе две години, како резултат на немањето пристап до чиста вода и несобирањето на отпадот, секој ден се изложени на висок ризик да заболат од колера.